Мицкоски: Бугарија направи преседан - не се откажуваме од ЕУ
10 јули 2025Негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на Бугарија е преседан и не е европска вредност. Но, ние нема незрело да се однесуваме, уште посилно и посветено ќе работиме на реформите, порача премиерот Христијан Мицкоски, по усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија, од којшто беа изоставени референците за македонскиот идентитет и јазик.
„Не можам да прифатам како европратениците што гласаа за бришење на македонскиот јазик и идентитет мирно ќе спијат, а им благодарам на оние што гласаа или пак се воздржаа од гласање“, рече Мицкоски на новинарско прашање по настанот посветен на 80-годишнината од формирањето на Републичкиот Црвен крст.
Европскиот парламент во средата (09.07) со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандмани со кои се избришани делови од текстот каде што се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
„Можеби некој очекуваше по вчерашниот извештај револтирано да ги напуштиме преговорите, но ние нема незрело и неодговорно да се однесуваме. Напротив, остануваме уште попосветени и ќе докажеме дека со реформите дома сме најдобриот ученик во одделението и да бидеме посакувани од страна на ЕУ. И не можат овие архитекти да градат ваква архитектура за да не оспоруваат и за да го попречуваат нашиот пат кон ЕУ“,вели Мицкоски.
Тој останува на ставот дека сите партии во земјава треба да бидат обединети кога станува збор за државните интереси. „Владата има обврска и кон граѓаните, но и кон сите останати да продолжи уште посилно да работи на внатрешните реформи, а истовремено и надвор од државата да се обиде уште погласно да ги артикулира аргументите и да останеме фокусирани целосно се додека не станеме членка на ЕУ. Грешките од минатото нема да ги правиме“, рече Мицкоски.
Глушец и лав
Македонскиот премиер не ги коментираше изјавите од Бугарија, особено на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев кој рече дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Северна Македонија, Софија успеала да спречи ЕП да биде искористен за домашна политичка пропаганда на Мицкоски. Притоа Георгиев го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“.
„Не би го коментирал тоа момче“, рече Мицкоски. Тој смета дека Георгиев е намерно испратен за да го привлече неговото внимание. „Апелирам и до вас медиумите, оставате го тоа момче. Тоа е Влада којашто во позадина друг ја раководи. Му дале задача да се задева. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“, вели Мицкоски.
Изјави кои не се во духот на добрососедството
Изјавата на Георгиев ја осуди и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. Тој вели дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството.
„Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи“, рече Филипче. Според него, вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба.
„Дипломатијата мора да се користи со цел да го извлечеме најдоброто за земјата. Да водиме напред, да ги отвориме преговорите – тоа е единствената иднина за земјата. Тоа сите го знаат. Меѓутоа, тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба“, порача Филипче.