Мицкоски: Не е проблем промена на Уставот, туку идентитетот
25 јуни 2025Обидот за создавање нова македонска модерна нација и нов македонски модерен (современ) јазик, потврдува дека не е проблем промената на Уставот, туку идентитетот и јазикот, оцени премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го вчерашното гласање во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент. Таму вчера не помина обидот на бугарски европратеници да внесат амандман со кој во Извештајот за напредокот на Македонија пред формулациите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ ќе стои додавката „модерен“.
„Не го доживувам тоа како победа туку како разочарување“, рече премиерот Мицкоски во интервју за МРТ.
„Зошто? Затоа што во 21. век, во Европа, бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет. Бидејќи тој амандман кој беше предложен де факто е обид да се создаде некоја нова модерна македонска нација, или некој нов модерен македонски јазик, што само по себе е преседан. Како човек и како Македонец сум разочаран. Не го доживувам ова како успех туку како нешто кое за нас претставуваше пречка што ја поминавме", одговори Мицкоски.
Но, според премиерот тоа не е доволно, бидејќи е најавено дека ќе биде поднесен сличен амандман на Извештајот, кога според последните информации, тој ќе се најде на пленарана седница на 8-ми или 9-ти јули.
„За нас ова е само потврда дека онаа голгота којашто ја поминуваме во овие 25 години откако почна нашиот пат, и 20 години како кандидат - продолжува. И дека сите во минатото кои мислеа дека ќе стават потпис на некоја национална отстапка и дека ги завршуваат сите грижи – ги измамиле граѓаните. Можеби и тие биле измамени, можеби верувале дека ќе биде нешто испорачано. Но тоа не ја намалува болката на граѓаните, бидејќи ставиле потпис без да ги прашаат граѓаните. И сега цената ја плаќаат граѓаните, со тоа што денес беа сведоци на обид за создавање на нова македонска модерна нација и нов македонски модерен јазик. Тоа потврдува дека не бил проблемот промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ, јазикот“, рече премиерот.
Почеток кој нема крај
„Нели беа ‘бетон'?“, праша Мицкоски за идентитетот и јазикот, користејќи го изразот што го употребуваа претставници на претходната Влада за да опишат колку цврсто се заштитени идентитетските обележја.
„Во лулката на Европа видовме како распукува бетонот. Тоа беше нашата стратегија - да покажеме дека ние сме тие со вредности, чест и образ, ако сме малубројни. За жал, многу поголеми од нас излегоа без чест и образ во срцето на Европа во Брисел - тие што имаа обид да го редефинираат нашиот македонски идентитет и нашиот македонски јазик", посочи премиерот.
Се осврна и на оние што сега очекуваат излез од преговорите, од ЕНП, од институции...
„Тоа е најлесно да го направиме, но дали е тоа одговорно? Не, не е одговорно. Затоа што ако од внатре се борите може само да постигнете резултат. Ние нема да ги направиме оние чекори како во 2008 година по ветото во Букурешт, преименување... Не, ќе бидеме антипод на тоа. Се бориме и ќе се бориме. Не знам дали ќе успееме, но еве успеавме денес да покажеме дека промената на Уставот не е последна. Тоа е почеток на еден процес кој нема крај. Ќе се бориме од внатре и сум сигурен дека за идните генерации ќе оставиме добра подлога. Барем додека јас ја предводам Владата, Македонија нема да се чувствува понижена“, порача премиерот.
Радев со писмо до европските институции
Ни Бугарија не седи со скрстени раце. Бугарскиот претседател Румен Радев испрати писмо до раководителите на европските институции и на земјите-членки на ЕУ по усвоениот Извештајот од Комитетот за надворешни работи на ЕП за напредокот на Македонија во процесот на европска интеграција.
Во текстот кој е целосно објавен од претседателската прес-служба, Радев наведува дека од почеток случајот со тој извештај предизвикал бран на негодување и критики во Бугарија. Како загрижувачки го оцени тоа што ЕП се изјаснувал за категории како што се „идентитет“ и „јазик“, а околностите околу подготовката на извештајот ги оцени како вознемирувачки.
„Ја поздравувам одлуката на ЕП да ги отфрли тврдењата за ‘многувековен македонски идентитет' и да не дозволи нови обиди да се протурка етноцентричниот националистички наратив на властите во Скопјe. Таквиот пристап се конфронтира, како со другите етнички заедници во РСМ, така и со двата милиони бугарски граѓани /кои се и граѓани на ЕУ/ со етничко потекло од територијата на денешна Северна Македонија“, пишува бугарскиот претседател.
Во писмото наведува дека „антибугарската кампања во РСМ се одвива со несмалено темпо" и дека се спроведува судско гонење на нејзини граѓани кои отворено се идентификувале како Бугари.
„Нашата земја одамна ги информираше европските институции за притисокот и дискриминацијата на која се подложени Бугарите во РСМ", наведува Радев, посочувајќи ја првостепената пресуда за Љубчо Георгиевски, претседател на поранешниот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
И за тој случај Бугарија предложила амандман, но бугарскиот претседател со жалење констатира дека „и тој амандман останал надвор од видното поле на европските пратеници".
Бугарија не прифаќа друг компромис
На крајот од писмото, Радев ги повторува познатите позиции на Бугарија.
„Бугарија останува посветена на сите елементи од европскиот консензус од 2022 година, чија имплементација е единствената можност за европска интеграција на нашиот југозападен сосед. Досегашните обиди да се мотивираат властите во Скопјe преку отстапки од тој консензус, не водат кон посакуваниот резултат. Напротив, властите во Скопјe сè поотворено демонстрираат дека нема да се придржуваат кон овој тешко постигнат компромис, прифатен и од РСМ, што значи дека всушност немаат намера да ја реализираат европската интеграција на земјата. Ве молам, примете ги моите уверувања дека Бугарија нема да прифати замена за тешко постигнатиот европски компромис. Правата на Бугарите во РСМ не можат да бидат предмет на политички договори. Зајакнувањето на довербата во европските институции, особено во време на криза, е наша заедничка должност и сметам на вашата соработка за тоа", порачува во писмото бугарскиот претседател.
Лути на Орбан
Бугарски европратеници за вчерашниот исход во АФЕТ прстот веќе го вперија во европратеници од Унгарија. Андреј Ковачев (ЕНП) пред бугарските медиуми „ги објаснил дејствата на луѓето на Виктор Орбан како обид за осведочена поддршка кон Христијан Мицкоски“. Радан Канев, исто така од ЕНП, изјавил дека „сега Орбан покажал оти е единствениот јавно објавен противник на бугарската позиција во Европа“.