Мицкоски му дава втора шанса на обвинителот Коцевски
25 март 2025Премиерот Христијан Мицкоски најави запирање на постапката за разрешување на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, со оглед на обемната истрага којашто се води во моментот по трагедијата во Кочани во којашто загинаа 59 млади луѓе.
„Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа. Цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот во Кочани, треба да работат и да сработат и да им дадеме шанса за тоа. Јас кога кажав дека сме задоволни - можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, рече Мицкоски.
Тој најави дека случајот ќе се проширува и на некои случаи од минатото. „Ќе треба да видиме, да почекаме, Јавното обвинителство дали има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото, и дали би можело можеби повторно можеби тие случаи да ги преразгледа. Па така да видиме дали навистина сме сите за правда или таа правда треба да биде селективна. Го охрабруваме Обвинителството во таа насока да се движи и секој оној којшто направил каква било грешка и работел спротивно на законот да биде санкциониран“, порача Мицкоски при посетата на скопската населба Радишани.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда образложи дека се бара смена на Коцевски поради „низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство“. Тој во меѓувреме порача дека не дава оставка и ќе се повлече само ако се утврди тешка дисциплинска повреда при неговото работење.
Проширување и на истрагата и на обвинителските тимови
Јавното обвинителство на Северна Македонија во меѓувреме со забрзано темпо работи на истрагата околу трагедијата во Кочани. Досега се осомничени 27 физички, три правни лица и седум полициски службеници од Штип и Кочани. На осомничените им е одреден 30-дневен притвор, освен на тројца од нив кои во моментов се хоспитализирани.
Како што информира државното Јавно обвинителство, со цел обезбедување докази во истрагата извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица, соопштија од ЈОРСМ.
Јавниот обвинител Коцевски го прошири тимот на обвинители - од 9 на 11 коишто работат на проверка на обемната документација и утврдување на вината за несреќата.
Контроли и проверки низ целата земја
Во меѓувереме продолжуваат засилени контроли на сите објекти во земјата. Мицкоски вели дека сопствениците на локалите ќе добијат онолку време колку што им е потребно за да ги исправат недоследностите и во тој период нема да работат. „Но, има и државни објекти меѓу оние што не ги исполнуваат потребните услови за работење, а некои од нив се установи за предшколска возраст, пензионерски домови и училишта кои изминатите три децении не биле реновирани и градени, туку крадени“, рече премиерот.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека од досегашните контроли на над 3.100 лиценци во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање, кај 479 лиценци констатирано е неправилно работење и поради тоа на сите овие правни лица ќе им бидат одземени лиценците.
„Оваа листа ќе биде доставена до соодветните институции за понатамошно постапување“, вели тој. Најави дека ќе има и законски измени со кои овие контроли ќе бидат обврзни на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа.
Законски измени
Министерството за економија и труд во наредниот период ќе изготви измени и дополнување на Законот за угостителска дејност во насока проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, како што беше пред 2008 година, најави ресорниот министер Бесар Дурмиши. Министерството било задолжено да започне со подготовка на измени на Законот на владината седница одржана на 18 март.
„Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценцата ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат“, рече Дурмиши.
Во новото законско решение ќе се зголеми вредноста на казните за да се спречат немили настани како во клубот „Пулс“ во Кочани. Министерството за економија има издадени вкупно 24 активни издадени лиценци од кои 18 се за кабаре, а другите се за клубови.