Мицкоски ја повика Бугарија да ги повлече амандманите во ЕП
17 јуни 2025Премиерот Христијан Мицкоски очекува Софијада ја прифати понудената рака за средба на претстојниот состанок на НАТОво Хаг и ги повика бугарските европратеници да ги повлечат амандманите за јазикот во Европскиот парламент во пресрет на гласањето за предлог-извештајот за Северна Македонија на известувачот Томас Вајц, откако Комитетот за надворешни работи на ЕП - АФЕТ го одложи гласањето за 24 јуни.
„Помалку слушај што зборуваат повеќе гледај што работат“
„Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле ’помалку слушај што зборуваат повеќе гледај што работат’. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП - АФЕТ, се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето ’сегашен’ и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред“, изјави Мицкоски при посетата на Битола.
И Коридорот 8 да се стави на маса
Изјавата следи како реакција на пораките на бугарскиот претседателРумен Радев, кој од Тирана порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија.
„Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“, рече Радев.
Мицкоски очекува Софија да прифати средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, но и да се „разговара и за Коридорот 8“ „Да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед, и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“, вели премиерот.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски од конференција во Будимпешта порача дека „нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не можат да бидат предмет на преговори“.
„Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење“, вели тој.