Мицкоски ја „освежува“ Владата со нови кадровски решенија
9 јуни 2025Премиерот Христијан Мицкоски ја „освежува“ Владата со две кадровски решенија во два ресори – здравството и земјоделието. Станува збор Азир Алиу, кој во Собранието со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан, беше избран за министер за здравство. За Албрим Хоџа, пак, како заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство гласаа „65“ пратеници „за“, а десетмина беа „против“. Смените следат по турбуленциите кај владиониот партнер, коалицијата „Вреди“, којашто ја напушти досегашниот министер за здравство, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Премиерот смета дека новите кадровски решенија ќе значат унапредување и поставување нови стандарди во работењето.
„Ова не е само прашање на персонален избор. Ова е дел од поголемата слика – реформската насока во која се движи Владата и нашиот стремеж да го поставиме системот на нови, здрави темели“, порача тој во Собранието на Северна Македонија.
Поставување на нови стандарди
Мицкоски во образложението на предлогот за Алиу истакна дека верува оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем.
Азир Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставената биографија, бил и на други високи и одговорни позиции. Алиу е дел од Алијансата за Албанците која остана во Вреди по оставката од 15 мај, годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
„Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние се уште трчаме. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем“, порача премиерот.
Што се однесува до предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мицкоски смета дека „тој ќе даде силна енергија и додаде дека ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината“.
Овие две номинации, според премиерот, не се изолирани одлуки, туку се дел од еден важен процес на освежување, на унапредување, на поставување нови стандарди.