Повици за мобилизација околу реформската агенда
4 април 2025Мобилизација на сите напредни поединци и структури кои можат да дадат придонес на патот за развој на Северна Македонија, национален консензус за клучните прашања за државата и формирање на работни групи за реформските решенија кои треба да ги гарантираат заложбите за напредок - се главните задачи за во иднина коишто произлегоа од средбата на Илинденска, каде на заедничка маса седнаа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и првиот човек на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
Гестот за подавање рака за „добробит на сите граѓани“ меѓу лидерите на двете најголеми партии во македонскиот блок, предизвика сомнеж и негодување кај дел од партиите од албанскиот блок.
„Како е можно лидерска средба за таканаречен ’нов општествен договор’ да се одржи меѓу првопласираната и третопласираната партија на изборите? Дали критериумот за учество во овие преговори е етничката припадност, наместо демократскиот легитимитет?“, реагираа од ДУИ, кои побараа и одговор дали оваа иницијатива претставува „почеток на пост-охридско прекројување на уставниот модел на Северна Македонија?“.
Кога е државата во прашање - партиите не треба да се делат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вели дека на средбата со Мицкоски се договориле да соработуваат во однос на реформската агенда за Планот за раст во која првата група закони се од областа на правосудството, енергетиката, културата и дигитализацијата. Тој е дециден дека не станува збор за моноетничка средба и кога станува збор за интересот на државата партиите не треба да се делат.
„Донесовме заеднички став да најдеме начин на којшто ќе работиме на реформската агенда по примерот на развиените демократии. Шведска има таков пример, Германија има таков пример, ние и понатаму ќе бидеме политички различни, но кога станува збор за државата мора да седиме сите заедно и да ги решаваме проблемите. Никој нема доволен човечки капацитет и потенцијал за кратко време нешто да сработи. И во таа смисла мораме да се обединиме за најважните прашања“, изјави Филипче во петокот (04.04) при посетата на Струмица.
Што всушност договорија Мицкоски и Филипче на средбата?
Мицкоски рече дека се разговарало за евентуално вклучување на претставници од СДСМ во одредени реформски процеси, а кои се дел од реформската агенда и Планот за раст, како и за градење на национален консензус, кога станува збор за суштински прашања. Прашан како ќе се преслика ваквата соработка на терен во иднина, премиерот појасни дека може претставник од СДСМ да даде свои забелешки во поглед на содржината на одредени предлог-закони.
„Во процес сме на изработка на неколку закони, кои што се дел од реформската агенда, а се однесуваат на правосудството. Во деновите кои следат, ќе имам тематски состанок со Министерството за правда и со луѓето кои се вклучени во тој процес. Не гледам зошто, кога ќе биде готова некоја работна верзија, и претставник од СДСМ да не даде свои забелешки. Низ владина процедура помина и Законот за енергетика. Можат и тука да имаат некаков импут, ако ценат дека може да биде подобрена содржината“, рече Мицкоски во телевизиско гостување.
Филипче вели дека во реформската агенда за Планот за раст, кој го изготвила владата на СДСМ и потоа актуелната влада го потпиша во Брисел, има седум - осум работи со јасни закони и со јасна временска рамка кога треба да се донесат во Собранието. Тој деновиве критикуваше дека се доцни со овие процеси.
Првата група закони се од областа на правосудството, потоа од енергетиката, културата и делот на дигитализацијата. „Ние ќе идентификуваме експерти во тие области и ќе ги понудиме на министерствата во рамките на процесот на изработка на законите. Можно е да продолжиме и во делот на Националниот совет за евроинтеграции и за дополнителна дебата со експертски групи во граѓанскиот сектор“, рече Филипче.
Повик за лидерска средба
Дали средбата ќе го отвори патот кон разговори во поширок состав, во коишто би биле вклучени лидерите на сите партии во земјата? Филипче смета дека треба да има средба со лидерите на сите парламентарни партии, вклучувајќи ги и партиите на Албанците.
„Повикав на средба на претседателите на сите партии, еден од претседателите на една албанска партија кажа дека тоа би било губење време, а сега не обвинуваат за некаква моноетничка средба. Средбата произлезе од трагедијата во Кочани кога видовме дека има прашања битни за развој на државата за што сите политички субјекти мораме да соработуваме без разлика дали имаме различна политичка позадина, политики коишто сме ги имплементираме и планираме да ги имплементираме и во иднина“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ е дециден дека никаква потреба партиите да се делат на македонски и на албански блок кога станува збор за интересот на државата.
Но, Алијанса за Албанците смета дека „овој договор е целосно игнорирачки за Албанците, а воопшто не ги третираат ни нивните албански ’партнери’ во Владата“. „Овој договор е и против граѓаните, по секоја цена да ја сокријат вистината од нив, да го заробат системот, да инсталираат диктатура како што одамна ја заробија и македонската опозиција и да го уништат секое досегашно достигнување“, велат од партијата.
И од ДУИ се незадоволни што на средбата не бил присутен ниту еден претставник од албанската заедница – ниту од позицијата, ниту од опозицијата. „Дали оваа средба е обид за воспоставување на нова политичка хиерархија врз основа на етничка припадност, каде што Албанците се отстранети од суштинските процеси на одлучување?“, прашуваат од ДУИ.
По оваа реакција следеше ново соопштение, во коешто партијата најави дека презела реформски чекори во насока на зајакнувања на транспарентноста и на интегритетот на партијата, која треба да доведе намалување на концентрацијата на моќ и на можностите за корупција. Токму ова се дел од „слабостите“ за коишто партијата изминатиот период се најде под жестоки критики на јавноста.