Мицкоски преку интерпелација ќе го разрешува Судскиот совет
6 февруари 2025Премиерот Христијан Мицкоски најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива до Собранието за разрешување на членовите на Судскиот совет. Вели тоа тоа е „едно мочуриште кое изобилува со многу контроверзи и скандали“. Доколку помине интерпелацијата во парламентот, тој се надева дека членовите на Судскиот совет ќе бидат доблесни и самите ќе се повлечат од функциите.
Преку длабоки реформи до правда
„На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните“, порача Мицкоски преку социјалните мрежи.
Затоа, вели тој, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според негово убедување е „дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата“. „Македониjа мора да победи“, порача Мицкоски на Фејсбук.
Истата порака тој ја испрати и на настан во Скопје каде одговараше на новинарски прашања.
Треба да се разбистри политичкото мочуриште
Пред новинарите рече дека изминатите месеци се запознал детално со начинот на функционирање, избор и сето она што е поврзано со судско - обвинителскиот систем во државата.
„Кога нешто не знам се трудам да седнам и да научам за тоа. Заедно со министерот и со сите луѓе што работат во Министерството за правда, со пратениците и пратеничките групи анализираме, споделуваме искуства и бараме решенија. Не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас“, вели Мицкоски.
Тој повторно оцени дека Судскиот совет е „едно мочуриште кое изобилува со многу контроверзи и скандали“. „Не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак за кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме Судски совет којшто објективно, без партиски стеги и интереси ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и ќе биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто одлучуваат така“, вели Мицкоски и додава:
„Цениме дека треба да се удри во чело, да не се обидуваме да импровизираме. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на парламентот, а тоа е изборот на членови на Судскиот совет, таму каде што се бираат - таму и да се изгласа интерпелација“.
Што по интерпелацијата?
И покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Но, Мицкоски вели дека „не е добро кога во услови кога тој што те избрал ти гласа недоверба - а ти продолжуваш да водиш инает“.
Најавува дека Владата и за таквата ситуација има решение. „Тогаш имаме и други механизми, но се надевам дека доколку парламентарците изгласаат интерпелација на членовите на Судскиот совет - дека тие ќе бидат доблесни и ќе се повлечат“, дециден е премиерот.
Спроведување на коренити реформи во правосудството и распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители беше едно од ветувањата во предизборната програма и клучен приортитет на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче: Не ни треба нова партизација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче се согласува дека се потребни темелни реформи на правосудството и дека тоа го очекуваат граѓаните. „Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта“, вели тој.
СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. „Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чуствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери“, порачаа од опозициската партија.