Мицкоски: Ако има сомнежи можеме да направиме вонреден попис
27 јуни 2025Одлуката на Уставниот суд да се укинат делови од методологијата за пописот од 2021 година кои се однесуваат на „резидентно“ и „нерезидентно“ население, бидејќи не се во согласност со владеењето на правото, отвори политичка дебата во Северна Македонија. Покрај барањето за кривична одговорност поради пречекорени овластувања во Државниот завод за статистика, се наметнува и прашањето дали на земјата и е потребен нов вонреден попис?
„Ќе треба нова методологија на следниот попис. Статистички од почетокот на декадата, односно во 2031-2032 година би требало да се одржи редовниот попис, но ако некој се сомнева и има политичка волја можеме сега да направиме вонреден попис, оти некој се обидува да ги злоупотребува граѓаните“, порача премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настан во УЈП.
Уставниот суд во четвртокот (26.06) информираше дека „означените делови од методологијата, не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок - владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.
Според Уставниот суд, директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.
„Политичката одговорност за спроведувањето на пописот ја однесе претходната коалиција во опозиција, а треба да се види дали има основи за кривична одговорност“, вели Мицкоски.
Електронски попис и вкрстување на бази
Тој од собраниска говорница во четвртокот ја наметна темата за воведување на електронски попис. Денеска пред новинарите го елаборира овој став. Вели дека најдобро што може да се направи е да се спроведе електронскиот попис врз основа на вкрстување на десетина референтни бази на податоци и според насоките на ЕУРОСТАТ. Смета дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе се попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски да се посетат.
„Само кај нас пописот се претвори во политичка алатка. Ова е техничка операција и не треба да се поврзува со политички работи“, дециден е премиерот. Тој додава: „Не можеме да ја развиваме државата врз основа на лажни податоци. Секоја влада треба да го прави развојот врз некакви податоци. А врз основа на што? Седнеле двајца-тројца се договориле: пиши-бриши и завршиле работа. Се случувале чудни работи кои се темелеле на ништо, на ветер и магла. И сега од опозицијата ви кажуваат што требало да се прави. Тие ни оставија опашки кои ги решаваме чекор по чекор“.
Тој оцени дека е добро што на претстојните избори се намалува бројот на советници, бидејќи како што кажа се намалуваат и трошоците. Но, од друга страна загрижен е што се намалува бројот на населението. „За жал тоа се бројките и ние мора да се адаптираме на нив“, додаде Мицкоски.
Ваквиот став следи како одговор на прашањето на пратеникот Халил Снопче кој доаѓа од Алијанса на Албанците, а кој на собраниската седница посветена на пратенички прашања го праша премиерот дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по одлуката на Уставниот суд за укинување на категориите „резидентно“ и „нерезидентно население“ од методологијата за попис.
Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи на прес-конференција оцени дека одлуката на Уставен суд била очекувана и посочи дека пописот од 2021 година бил неуставен и незаконски.