Висок ризик од непопулистички мерки за инфлацијата
12 август 2025
Премиерот Христијан Мицкоски во вторникот (12.08), одговарајќи на новинарско прашање при посета на Клиничкиот центар, потврди дека Владата нема да брза со носење на привремени и популистички мерки за инфлацијата. Иако трајните мерки обично се непопуларни и доаѓаат со висока политичка сцена, Мицкоски вели дека се подготвени за тоа.
„Откако го лоциравме проблемот каде е, свесни сме дека тоа може да има и политичка цена, но подобро на краток рок да ја платиме, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок“, рече Мицкоски.
Праксата до сега покажала дека ограничувањето на маржата не е трајно решение за инфлацијата, односно дека само се прелева во другите месеци и потоа цените се нивелираат. „Тоа е замка во која не треба да западнеме“, е ставот којшто го соопшти деновиве Мицкоски.
Дебатата за инфлацијата стана актуелна, откако инфлацијата во Македонија во јули се искачи на 4,8 отсто годишно, а 1,1 на месечно ниво. Премиерот ги посочи растечките трошоци во угостителските и транспортните услуги како клучни фактори за инфлацијата во Македонија, со зголемување од 4% до 5%. Конкретно, угостителските услуги бележат пораст од 24-25% во споредба со претходната година, слично како и транспортните услуги. Овој тренд е забележан и кај цените на овошјето, каде е забележано двојно зголемување.
Владата спроведува анализи за да воведе одржливи мерки за справување со зголемените цени на прехранбените производи, со фокус кој оди подалеку од само ограничување на маржите, за да се избегнат циклични ефекти на инфлацијата. Мицкоски истакна дека зголемувањето на платите и пензиите ја зголемува побарувачката, што пак овозможува раст на цените на услугите, бидејќи потрошувачите се способни и подготвени да платат повеќе, со што дополнително се поттикнува инфлацијата.
Висока политичка цена
Додека Владата бара подолгорочни решенија за инфлацијата која што зема замав, цените особено на овошјето и зеленчукот вртоглаво растат. Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека замрзнувањето на цените, како мерка, овој пат нема да биде во игра.
Во очекување на најавените владини мерки, експертите изнесоа различни мислења околу тоа како да се сузбие растот на инфлацијата. Дел предлагаат замрзнување на цените, но на подолг рок од една година. Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) во најновата анализа посочија дека цените на храната веќе не ја подгреваат инфлацијата, туку дека таа сега е резултат на засилена домашна побарувачка и високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Ефектот од мерките за ограничување на цените на храната, според нив, е краткорочен и реверзибилен, па намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира скоро во целост со раст на цените кој настанува по истекот на мерката.
Дел од економските аналитичари советуваат дека треба да се активираат стандардните пазарно ориентирани антиинфлациски инструменти на фискалната и монетарната политика, со носење на мерки за индиректна контрола на инфлацијата.
„Тоа не е лесно и без последици, а некои високи политичари инстант ќе станат (и останат) непопуларни, но тоа е цената на таа јавна професија. Подобро сега да се направи тоа со помали последици, отколку подоцна со поголеми и пострашни последици“, посочува поранешниот министер за финансии и универзитетски професор, Никола Поповски во анализа објавена на социјалните мрежи.
Дали Владата има стратегија?
„Најновите изјави на премиерот Мицкоски уште еднаш потврдуваат дека оваа Влада нема ниту стратегија, ниту политичка волја за справување со инфлацијата и растечките трошоци за живот. Наместо конкретни и системски решенија, граѓаните добиваат само празни зборови, бесконечни „анализи“ без рокови и магливи ветувања за идни мерки кои никогаш не се реализираат“, реагираа од партијата Левица.
Според нив, макроекономските бројки не лажат: инфлацијата во Македонија која достигна до 9,4% во 2023 година, а беше стабилизирана на 3,5% во 2024, летово повторно забрзано расте и тоа 4,5% во јуни и 4,8 % во јули. Најмногу пораснаа цените на храната и безалкохолните пијалоци (6,8 %), а голем пораст има и во секторите транспорт, култура и угостителство.
„Овие податоци покажуваат дека поскапувањата не се само резултат на глобални шокови, туку и на системска неефикасност, коруптивни практики и толерирање на монополските структури. Владата, наместо да реагира со итни и јасни мерки, нуди само магливи најави за „анализи кои траат“, без рокови и конкретен план за имплементација“, велат од Левица.
Зголемените плати и пензии изедени од инфлацијата
Владата ја правда инфлацијата со зголемените плати и пензии, но според партијата, зголемувања брзо се изедени од растот на цените.
Истиот став на прес-конференција го изнесе и пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи. Тој вели дека во време кога цените на основните производи и трошоците за живот незапирливо растат, премиерот Христијан Мицкоски ја пласира тезата дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии, што не е вистина.
„Тоа е маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, а не врз вистинските причини“, вели Битиќи.
Според него, цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе, туку затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи и затоа што земјата зависи од увоз за основни добра.
„Владата се потпира на импровизација и пропаганда. Наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да намали цени и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, таа води политички маркетинг“, велат од СДСМ.