Мерц најави „отворен“ телефонски разговор со Трамп
7 мај 2025Новиот германски канцелар Фридрих Мерц ја критикуваше партиската пристрасност на американската влада кон германската партија Алтернатива за Германија (АфД) и најави појаснувачки телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп. Американската влада во моментов шири „апсурдни погледи за Сојузна Република Германија“, рече Мерц во вторникот вечерта (6 мај, 2025) во интервју за за германската телевизија ЗДФ. Американската влада мора „да се држи настрана“ од германската внатрешна политика.
Мерц се осврна на поддршката на американската влада за АфД и критиките од САД за класификацијата на АфД од страна на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок како десничарско екстремистичка. „Во четврток ќе разговарам телефонски со американскиот претседател“, рече Мерц, кој дополни дека сè уште не го познава лично Трамп, но ќе разговара „отворено“ со него.
„Би сакал да ја охрабрам и поттикнам американската влада да дозволи внатрешната политика во Германија да биде внатрешна политика и да се држи настрана од овие партиско-политички погледи“, продолжи Мерц.
Тој , како што рече, самиот никогаш „не се мешал во американската изборна кампања и еднострано не застанал на ничија страна“, рече Мерц. За поддршката на САД за АфД, Мерц истакна: „Досега секогаш имав впечаток од Америка дека тие можат да направат разлика помеѓу екстремистички партии и партии од политичкиот центар“.
За разлика од голем број други западни шефови на држави и влади, Трамп сè уште не му честитал на Мерц за неговиот избор за германски канцелар. Сепак, честитки пристигнаа од американскиот Стејт департмент. „Ќе продолжиме да работиме со Германија и нејзината нова влада за да се грижиме за безбедноста на Соединетите Американски Држави и на Европа“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус, во вторникот пред новинарите во Вашингтон. Инаку првата лична средба меѓу новиот германски канцелар и претседателот на САД ќе се случи најдоцна на самитот на НАТО на крајот на јуни во Хаг, Холандија, но „можеби и порано“, рече Фридрих Мерц во интервјуто за телевизијата ЗДФ. „Ќе разговараме отворено еден со друг.“, нагласи уште еднаш канцеларот и лидер на Христијанско-демократската унија која заедно со сестринската партија Христијанско-социјалната унија и коалицискиот партнер Социјалдемократската партија е дел од новата германска влада, која стапи на функција вчера.