Мелони патува во Вашингтон - што може да постигне таму?
17 април 2025Десничарската италијанска премиерка Џорџа Мелони в четврток (17.04) во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп. Оваа посета ќе се фокусира и на царинскиот спор меѓу САД и ЕУ, јавуваат повеќе новински агенции.
По најавата на патувањето, ситуацијата малку се олабави: Прво, Доналд Трамп најави дека ќе ги суспендира таканаречените „реципрочни царини“ од 20% против ЕУ за период од 90 дена. Тогаш ЕУ објави дека за период од 90 дена ќе ги суспендира и противмерките за веќе воведените цариниза челик и алуминиум, кои беа планирани за оваа недела, затоа што, како што рече претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, сакала да им даде шанса на преговорите.
Мелони сака да зборува за царините
И покрај новонастанатата ситуација, Тереза Коратела, заменик-шеф на канцеларијата во Рим на Европскиот совет за надворешни односи, очекува главната грижа на Мелони да биде преговарањето за царините.
И Коратела и Лео Горети од италијанскиот Институт за надворешна политика (ИАИ - Instituto Affari Internazionali) очекуваат Мелони да се обиде да го искористи своето очигледно влијание и добрите односи со Доналд Трамп за да најде решение за царинскиот спор меѓу ЕУ и САД. Иако Трамп е непредвидлив, потенцира Коратела за ДВ.
Односот на Џорџа Мелони со Доналд Трамп се смета за добар: Мелони беше единствениот европски шеф на влада што присуствуваше на инаугурацијата на Трамп во јануари. При претходната посета на Мелони на Трамп, на неговиот имот во Мар-а-Лаго, тој ја пофали како „фантастична жена“. Во последно време од Рим често се слуша дека сака да преземе улога на „градител на мостови“ меѓу САД и ЕУ.
Каков е пристапот на Мелони?
Пред патувањето во САД, Џорџа Мелони во настап пред економски претставници рече дека го поддржува предлогот на Европската Комисија за нула царини меѓу САД и ЕУ. Таа ќе се чувствува обврзана со овој предлог кога ќе отпатува за Вашингтон, објави новинската агенција Ројтерс, цитирајќи еден нацрт говор.
Пристап за кој се изјасни и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на платформата X минатата недела. Претседателката на ЕК отсекогаш се залагала за договор за нулта царини меѓу ЕУ и САД.
Историчарот Горети, кој во ИААИ раководи со одделот за италијанската надворешна политика, вели дека основниот пристап на Мелони кон САД е „коцкање“. Затоа што: „Колку и да е идеолошки блиска со Трамп, таа не може целосно да застане на страната на САД и да се спротивстави на Брисел“, вели Горети. Затоа што Италија не може да си дозволи да ја напушти ЕУ - особено од економска гледна точка.
Џорџа Мелони, која ја предводи десничарската партија Fratelli d'Italia (Браќа на Италија), е под притисок на интересите на домашната економија. Италија во 2024 година имаше трговски суфицит на стоки со САД од речиси 40 милијарди евра - трет највисок во ЕУ по Германија и Ирска. Севкупно, 10 отсто од целиот италијански извоз оди во САД. Сепак, за италијанската економија американскиот пазар не е ни приближно толку релевантен како внатрешниот пазар на ЕУ, вели Лео Горети во интервју за ДВ.
Дали Џорџа Мелони зборува во име на ЕУ?
Во Брисел луѓето никогаш не се заморуваат да нагласуваат дека, во принцип, преговорите за царините се одговорност на Европската Комисија. Сепак, во поглед на претстојното патување, последниве денови имаше контакти меѓу претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен и италијанската премиерка Мелони, изјави портпаролката на ЕУ, Аријана Подеста. Пред тргнувањето на пат, планирани се и други контакти и планот на Мелони е „многу добредојден и тесно координиран“.
Оваа недела во Вашингтон беше и еврокомесарот за трговија Марош Шефчович. По состанокот, Шефчович ја истакна подготвеноста да се работи на „фер договор“, вклучително и понудата за нула царини за индустриските стоки. Сепак, ова бара „значителни заеднички напори на двете страни“, беше соопштено на X.
Што може да постигне Мелони?
Историчарот Лео Горети смета дека за ЕУ е многу важно како Мелони се позиционира во Вашингтон. Ако Мелони остане на линијата на нула царини, тоа треба да биде добро прифатено од ЕУ и другите земји-членки. Меѓутоа, ако таа ја критикува ЕУ и ја фокусира дискусијата на внатрешните проблеми, како што се премногу бирократија и прекумерна регулатива, тоа веројатно ќе испрати лош сигнал до Брисел.
Иако историчарот се сомнева дали Мелони ќе донесе вистински резултати од Вашингтон, тој смета дека е можно да има изјави во насока на заеднички трансатлантски пазар. Притоа, би можело да има заедничко позиционирање против предизвиците, како што е Кина.
Политикологот Тереза Коратела е поскептична и нагласува дека Мелони нема официјален мандат од ЕК. Таа очекува дека особено Франција нема да биде среќна поради патувањето. Коратела очекува посетата на Џорџија Мелони да биде инсценирана и јавно претставена како голем договор со Трамп. Тоа, пак, ќе ѝ ја отежне на Мелони позицијата во ЕУ.
Веројатно ќе се разговара и за Украина, НАТО и Африка
Но, и други национални интереси веројатно ќе играат улога на средбата Трамп-Мелони. Во 2024 година, Италија за НАТО потроши нешто помалку од 1,5 отсто од својот брутодомашен производ за одбрана, со што ја пропушти целта на НАТО од два отсто. Лео Горети очекува Мелони да побара од Доналд Трамп попустливост за Италија. Дури и достигнувањето на границата од два проценти е тешко за земјата. Повисоки трошоци, како што се петте проценти што ги бараат САД, е невозможно да се постигнат од страна на земјата.
Покрај тоа, Италија сака да преземе предводничка улога за Европа и Западот на африканскиот континент, вели Горети. Џорџа Мелони во тој дел се надева на одобрение од американскиот претседател. Украина е исто така важна тема. Од почетокот на мандатот на Трамп, Мелони инсистира на американско водство за постигнување можен мировен договор, објаснува политикологот Коратела.