Медиумски извештаи: Русија ја шпионира Германија со дронови
29 август 2025Русија, според медиумски извештаи, систематски ги шпионира воените транспортни рути во Германија и други европски земји за да ги следи испораките на оружје во Украина. Ова го објавија „Њујорк тајмс“ и „Виртшафтсвохе“, повикувајќи се на западни разузнавачки агенции.
„Западните тајни служби претпоставуваат дека Русија е добро информирана за тоа кои компании за оружје произведуваат за Украина и колку се релевантни производите и количествата на оружје за одбранбената војна на земјата“, напиша „Виртшафтсвохе“.
Писториус не е изненаден
Извештај на „Њујорк тајмс“, кој се повикува на извори од американските власти и други западни земји, наведува дека Русија или руските поддржувачи користеле беспилотни летала за да ги следат рутите во источна Германија што се користат за испорака на воена стока во Украина.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус не е многу изненаден поради тоа. Тој во Берлин рече дека што се однесува до беспилотните летала Бундесверот не е надлежен за надзор на цивилната територија или патните врски во Германија. „Но да, не треба никого да изненади што дронови летаат и над пристаништата и железниците. Но, нема многу мерки што може да се преземат против тоа“.
„Постојана игра на мачка и глушец“
Писториус нагласи дека заштитата на воените инсталации е зајакната и спомена техники за пресретнување на беспилотни летала. „Но, ова е постојана игра на мачка и глушец од техничка природа помеѓу она што го прават развивачите на беспилотни летала и она што ние можеме да го направиме, и тоа е дел од вистината.“
Министерството за надворешни работи во Берлин соопшти: „Ние многу сериозно ја сфаќаме заканата за европската безбедност што ја претставува Русија, првенствено преку агресивната војна против Украина, но и преку мноштво други мерки од хибридна природа.“ Од Министерството велат дека им се познати извештаите за летови на дронови и додаваат. „Ги следиме актуелните случувања многу внимателно“.
Кремљ ги отфрли извештаите како лажни. Тешко е да се замисли дека Германците не го забележале ова и молчеле, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.