Нетанјаху очигледно стреми кон целосно заземање на Газа
5 август 2025Според медиумски извештаи, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одлучил целосно да го окупира Појасот Газа. Тој наводно им рекол на министрите во кабинетот дека има намера да ја обезбеди поддршката од кабинетот и oд военото раководство во наредните денови. Новинскиот портал Инетњуз (ynetnews.com) цитираше функционер близок до него, со зборовите: „Коцката е фрлена - имаме намера целосно да го окупираме Појасот Газа“.
Телевизијата Канал 12 и весникот Џерусалим пост , повикувајќи се на владини претставници, исто така објавија, дека кабинетот денеска (вторник, 5 август, 2025) има намера да усвои соодветна „ажурирана стратегија“ за израелските вооружени сили. Според извештајот, воени операции се планирани и во области каде што се сомнева дека има израелски заложници. Сè уште нема официјална потврда за плановите. Сепак, Палестинската самоуправа ја повика меѓународната заедница да интервенира за да се спречи спроведувањето на таквите планови.
Нетанјаху: Хамас не е подготвен за преговори
Меѓутоа, извештајот на Инетњуз шпекулира дека овие наводни планови би можеле да бидат и дел од преговарачка тактика за вршење притисок врз исламистичката терористичка организација Хамас, со оглед на застојот во преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Самиот Нетанјаху претходно јавно изјави само дека оваа недела ќе го свика безбедносниот кабинет за да одлучи за следните чекори во блокираниот и масивно разрушен медитерански крајбрежен појас. Во видео порака во неделата, тој објасни дека, според него, исламистичкиот Хамас, кој ја презеде власта таму пред 18 години, не е подготвен да преговара за решение. Израелските вооружени сили во моментов контролираат околу 75 проценти од крајбрежната област. Се верува дека заложниците се во оние делови каде што израелската војска сè уште не навлегла и кои остануваат под контрола на Хамас. Повеќемесечните индиректни преговори меѓу Израел и Хамас за постигнување прекин на огнот и ослободување на преостанатите заложници досега беа неуспешни.
Военото раководство критички гледа на целосната окупација
Израелската војска во минатото се изјасни против целосна окупација на Појасот Газа. Весникот Тајмс оф Израел пишува дека армиското раководство стравува дека отстранувањето на сите тунели и бункери на Хамас може да трае со години. Освен тоа постои и стравување дека заложниците би можеле да бидат загрозени и убиени доколку израелските трупи се приближат до местата каде се затворени. Според израелските проценки, во моментов Хамас држи во заложништво 50 лица, од кои се верува дека 20 се живи.
Сепак, според медиумските извештаи, Нетанјаху сега би го презел овој ризик. „Ќе има воени операции дури и во областите каде што се држат заложници“, изјавил неименуваниот функционер, кој го цитираше новинскиот портал Инетњуз. Тој, меѓу другото, и рекол: „Ако началникот на Генералштабот не се согласува со ова, тогаш треба да поднесе оставка“.
Според извештаите, началникот на Генералштабот Еџал Замир имал жестоки дискусии со ултрадесничарските министри на неодамнешните состаноци на кабинетот за безбедност, кои повикувале на заземање на целиот Појас Газа, депортација на палестинското население во други земји и основање еврејски населби.
Поранешни разузнавачи бараат поголем притисок врз Нетанјаху
Во писмо објавено во понеделник вечерта, стотици поранешни израелски безбедносни функционери, вклучувајќи ги и поранешните шефови на разузнавањето, го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да го зголеми притисокот врз Нетанјаху за да ја заврши војната во Газа.„Нашата професионална проценка е дека Хамас повеќе не претставува стратешка закана за Израел“, се наведува во писмото. 550-те потписници го повикаа Трамп да го убеди Нетанјаху да се согласи на прекин на огнот. Деновиве, пропагандните видеа дистрибуирани од Хамас на кои се прикажани двајца гладни израелски заложници предизвикаа ужасеност и без во Израел.