Меџити: Таравари сам се исклучи од коалицијата „Вреди“
16 април 2025„Не го исклучивме Таравари од Вреди, тој сам се исклучи“, порача претседателот на Демократското движење и вицепремиер Изет Меџити, по средбата меѓу лидерите на партиите коишто се дел од коалицијата „Вреди“. Средбата следи по бројните бранувања изминатиот период и одлуката на еден од партнерите во коалицијата, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари да настапи со самостојни листи на претстојните локални избори во Северна Македонија. Тоа предизвика не само турбуленциите во „Вреди“, туку и во владината коалиција, каде што Таравари е министер за здравство.
„Не е тајна дека преговара со ДУИ и со олигарси“, вели Меџити.
Целта, според него, била разединување на коалицијата и враќање од „клиничка смрт на ДУИ“.
Тој информираше дека коалицијата Вреди (Влен) ќе настапи со заеднички листи за советници и градоначалници, но беа партијата на Таравари.
Меџити им упати порака на гласачите на Алијанса за Албанците, да се дистанцираат од „политиката на поделби на Таравари“ и да останат во коалицијата Влен, бидејќи есента носи „нова победа“.
Високи претставници на Коалицијата Вреди во седиштето во Скопје одржаа состанок по одлуката на АА предводена од Арбен Таравари да настапи самостојно на локалните избори. На состанокот освен лидерите на БЕСА, Билал Касами, Изет Меџити на Демократското движење, и на Алтернатива, Зекири Ибраими, присуствуваа министри и пратениците од овие три партии, но и градоначалници и други функционери.
„Добредојден е секој, отворени се вратите“
Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, претходно изјави дека неговото крило е отворено за соработка и дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече:„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, е добредојден“.
Според Таравари, во неговото крило од партијата има околу 90 отсто и рече дека пред 10 дена им се припоил и градоначалникот на Врапчиште што претходно бил на другата страна.