Забрана за рекламирање и отстранување на 4.000 ВЛТ апарати
16 јули 2025Владата усвои ново законско решение со коешто се стега обрачот околу коцкарниците во Македонија.
„Предлог-законот за игри на среќа е многу значаен чекор во борбата против мафијата на коцкањето“, порача на прес-конференција вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Со новото законско решение на почеток ќе се намали присуството на „оваа колективна катастрофа“ за најмалку 70 отсто, вели вицепремиерот.
Забрана за рекламирање
„Ова е само почеток. Од над 7.000 ВЛТ апарати со првиот удар ќе се отстранат 4.000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците, кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отварање обложувалници“, вели Меџити.
Досега со една лиценца, компаниите отварале неограничен број објекти, но со законските измени повеќе нема да може да се прави.
„Казино индустријата која подолго време беше претворена во главно бизнис претпријатие во нашата земја сега доживува сериозен удар. Наследивме општество во кое коцкањето беше во подем. Казината и обложувалниците беа отворени на секој агол. Денес на територијата на целата држава функционираат најмалку 1.500 центри за коцкање, обложувалници и апарати за коцкање“, истакна Меџити.
Досега се затворени 200 нелегални онлајн страници за коцкање, кои нудеа услуги во Македонија.