Блекаут во големи делови од Шпанија и од Португалија
28 април 2025Во Шпанија и во Португалија има масовен прекин во снабдувањето со струја. Главните градови Мадрид и Лисабон, бројни други градови и милиони луѓе се погодени, јавуваат медиумите. Шпанскиот оператор на преносната мрежа Ред Електрика очекува дека блекаутот може да потрае од шест до десет часа додека повторно не се воспостави снабдувањето со електрична енергија. „Плановите за обновување на снабдувањето со електрична енергија“ се веќе започнати, соопшти Ред Електрика. „Ако сè оди добро, може да се зборува за период од шест до десет часа“, изјави шефот на одделот за одржување на електричната мрежа, Едуардо Прието, за радио станицата Кадена Сер. На некои места мрежата „веќе е поправена“, додаде тој. Веќе е започнато обновувањето на снабдувањето на северот и на југ од земјата. Португалскиот оператор на електричната мрежа РЕН изјави дека е погоден „целиот Ибериски полуостров“, како и дел од Франција. „Сите планови за обновување на снабдувањето со енергија се активирани - во соработка со европските производители на електрична енергија и оператори на елетричната мрежа“, додаде РЕН.
Прекини на струја пријавени од повеќе градови
Шпанската железничка компанија Ренфе соопшти дека во 12:30 часот по локално време целата национална електрична мрежа е падната - возовите застанале на сите станици и не тргнале. Исто така, шпанскиот оператор на железничката мрежа Адиф на платформата Х објави дека прекинот на струјата „довел до прекин на железничкиот сообраќај на целата мрежа“. Португалската полиција соопшти дека семафорите низ целата земја се погодени од прекинот на струјата. Подземните железници во Лисабон и во Порто се затворени Шпанските радио станици известија дека се евакуира и дел од метрото во Мадрид. Исто така, шпанскиот оператор на аеродроми Аена пријави проблеми во воздушниот сообраќај поради прекинот на струјата. Активни се резервните генератори на шпанските аеродроми. Аена соопшти дека патниците треба да се обратат до нивните авиокомпании за прашања, бидејќи може да има проблеми и со натамошното копнено патување.
Кошта: Засега нема знаци за хакерски напад
Во меѓувреме светските агенции јавија дека напојувањето со електрична енергија е повторно воспоставено во некои делови на Иберискиот полуостров. Додека националните оператори ги истражуваат причините за блекаутот, претседателот на Советот на ЕУ, Португалецот Антонио Кошта нема индикациии дека масовниот прекин бил предизвикан од хакерски напад.
„Мрежните оператори во двете земји работат на пронаоѓање на причината и на обновување на снабдувањето со електрична енергија“, напиша Кошта на социјалната мрежа X, откако, како што нагласи разговарал со лидерите во Шпанија и Португалија.
„Во овој момент, нема индикации за каков било сајбер напад“, рече Коста.