Маск делумно жали поради обвинувањата против Трамп
11 јуни 2025Технолошкиот милијардер и поранешен владин советник, Илон Маск, се дистанцира од делови од своите јавни критики кон американскиот претседател Доналд Трамп. „Жалам за некои од моите изјави за претседателот Доналд Трамп минатата недела“, напиша Маск на својата платформа X. „Тие отидоа предалеку“.
Маск и Трамп имаа јавна размена на удари минатата недела. Маск, на пример, го нарече планираниот закон за даноци на Трамп „одвратна гнасотија“. Аналитичарите проценуваат дека законот ќе го зголеми долгот на САД, кој моментално изнесува 36,2 трилиони долари, за 2,4 трилиони долари во текот на една деценија. Трамп го прогласи својот однос со шефот на „Тесла“ и „СпејсИкс“ за завршен.
Маск, исто така, го поврза Трамп со скандалот со злоупотреби околу американскиот милијардер Џефри Епстин, без да наведува детали. Објавата подоцна беше избришана. Трамп изрази „длабоко разочарување“ и го нарече Маск човек кој „нема респект“. Тој нема желба да ги поправи односите со технолошкиот милијардер, а „нема ниту намера да разговара со него“, рече Трамп за време на викендот.
Влијанието на Маск врз републиканците
Изјавите на Маск станаа опасни за Трамп, бидејќи милијардерот, кој се смета за најбогат човек во светот, сѐ уште има значително влијание врз многу републиканци. Ова би можело да ги попречи напорите на претседателот за носење закони, бидејќи Републиканците имаат само тесно мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот.
Маск во меѓувреме избриша неколку објави што го критикуваа Трамп на онлајн платформите, вклучително и една во која се залагаше за постапка за импичмент против Трамп. Илон Маск потроши околу 300 милиони долари за кампањата на Трамп за време на претседателските избори во 2024 година.
По победата на изборите, Трамп го задолжи Маск да раководи со новиот Оддел за владина ефикасност. Во меѓувреме оваа фунцкија на Маск е завршена. Пред спорот, Трамп го пофали Маск во Белата куќа за неговата работа како раководител на Одделот за владина ефикасност(ДОГЕ). Но, податоците велат дека Маск намалил само околу половина процент од трошоците.