Марш во Скопје: Се бара одговорност за трагедијата во Кочани
29 април 2025Четириесетина дена по трагедијата во Кочани, семејствата на загинатите со марш во Скопје побараа одговорност и одговори за текот на истрагата. „Маршот на ангелите“ започна пред Јавното обвинителство, продолжи пред парламентот, а заврши пред МВР, кадешто беа примени на разговори со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Неколку часа претходно тој се соочи со обвинувањата на опозициските партии во Собранието, коишто преку интерпелација побараа негова оставка поради трагедијата во Кочани и низа пропусти во работењето во изминатите 15 месеци.
„Маршот на ангелите“
Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани најпрво пред Јавното обвинителство во Скопје побараа одговорност за трагедијата во којашто згаснаа 62 млади животи. Со транспаренти на кои пишуваше: „Селективна одговорност е неодговорност“, „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“; „Нема да има толку крв ако сè е по закон“, и држејќи фотографии од починатите деца, семејствата побараа одговори што конкретно е преземено во досегашната истрага и повикаа на ослободување на институциите од партиските стеги.
Владимир Апостолов, од име на семејствата, рече дека за трагичната несреќа се виновни сите досегашни структури во државата. „Сите да си дадете оставки’, порача Апостолов.
Дел од семејствата влегоа во зградата на Јавното обвинителство каде беа повикани на средба со државниот јавен обвинител и со обвинителите кои ги водат предметите за овој случај. „Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“, информираа од јавното обвинителство.
Отворен повик за истрагата
Во исто време, обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во дискотеката „Пулс” информираше дека се преземаат дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.
„Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области“, велат од Јавното обвинителство на Северна Македонија.
Со цел прибирање на сите докази кои можат да помогнат за целосно испитување на настанот, Јавното обвинителство упати отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс” – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.
Меѓусебни обвинувања
Од Јавното обвинителство, семејствата на настраданите се упатија кон Собранието каде се расправаше за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група „Левица“. Откако пред Собранието повикаа на одговорност и оставки од пратениците, семејствата на загинатите имаа средба со пратеници од Левица и СДСМ. Најпрво излегоа пратенците на Левица Борис Крмов и Јована Мојсоска, по што и пратениците од СДСМ, по што имаа разговор и со лидерот на опозицијата Венко Филипче.
Собраниската расправа помина во меѓусебни обвинувања за институционални пропусти, политичка одговорност и неспособност во справувањето со безбедносните предизвици. Пратеникот на „Левица“ Борислав Крмов побара Собранието да ги отвори вратите за родителите на загинатите деца од Кочани кои протестираа, за да можат да ја следат седниците од галеријата во Собранието. Претседателот на Собранието, Африм Гаши тоа го оцени како манипулација со јавноста, бидејќи според законските одредби, требало да биде претходно најавено.
Левица смета дека Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР. Интерпелацијата ја образложи пратеникот од редовите на „Левица“, Сашко Јанчев кој кажа дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а 197 беа повредени.
Тошковски: Не бегам, не се кријам
Министерот Тошковски порача дека не се плаши од одговорност и дека останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. „Пред вас не стојам како министер, туку како човек кој ја разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како татко, и како министер, и родител. Дозволете ми да кажам дека жалам за секој изгубен живот“, рече Тошковски.
Тој е дециден дека во однос на трагичниот настан во дискотеката во Кочани, МВР нема направено пропуст. Тој потенцираше дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.
„Не бегам, не молчам, не се кријам. Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност“, рече Тошковски во своето обраќање.
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески вели дека Тошкоски е 15 месеци министер за внатрешни работи и за овој период го „претворил МВР во комплетно нефункционално министерство со најголем број скандали, каде што преовладуваат селективноста, неказнивоста и целосно е нарушена безбедноста на граѓаните“.
„Глас ’за’ интерпелација на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност“, рече тој.
Подоцна министерот, на средба со семејствата на загинатите во Кочани, изрази уверување дека правда за овој случај мора да има. „Не сакам да правам политика од ова. Не сметам дека овие деца го заслужуваат ова. Верувајте. Истрагата е во тек, 70 луѓе се досега осомничени. Го разбирам вашиот гнев“, рече Тошковски.