Макрон зборува за „пресвртница“ во разговорите за Украина
25 февруари 2025Американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон во Вашингтон разговараа за можни мировни преговори меѓу Русија и нападнатата Украина. Макрон по разговорите изрази оптимизам и на заедничката прес-конференција зборуваше за „суштински напредок“. „Мислам дека ова денеска беше пресвртница во нашите дискусии“, рече Макрон по средбата.
Тој додаде дека има конкретни разговори за акционен план за постигнување траен мир, во кој ќе биде вклучена Украина. Трамп даде слична изјава: „Нашиот фокус е на постигнување прекин на огнот и на крајот постигнување на траен мир. Мојот состанок со претседателот Макрон денес беше уште еден важен чекор во таа област“.
Дали е можно наскоро да има прекин на огнот?
Трамп смета дека прво е поверојатно да има прекин на огнот: „Би било убаво да се договориме веднаш. Но, прекинот на огнот секогаш оди малку побрзо“. Секој ден без борба може да спаси стотици или илјадници животи, нагласи Трамп. „Сакаме да видиме дали можеме да го направиме ова многу брзо“, додаде тој. Пред прес-конференцијата Трамп веќе изјави дека војната може да заврши „за неколку недели“.
Макрон подоцна во интервју за Фокс њус изјави дека ја споделува оценката на Трамп за прекин на огнот кој би можел да се случи наскоро: „Мислам дека тоа е изводливо. Мислам дека тоа може да се направи во наредните недели“, изјави тој.
Макрон инсистира на безбедносни гаранции за Киев
Макрон и Трамп на прес-конференцијата беа нагласено срдечни еден кон друг. Американскиот претседател го пофали „посебниот“ однос со францускиот колега. Макрон истакна дека тој и Трамп се стремат кон „стабилен долг мир“ во Украина. Но, Макрон ја нарече Русија „агресор“ во присуство на Трамп и инсистираше на тоа дека Киев мора да биде вклучен во разговорите за завршување на војната. „Ние сакаме мир. Но, овој мир не може да значи капитулација на Украина“, рече тој. На Украина, според Макрон, ѝ требаат безбедносни гаранции за да стане возможно трајно решение, а не само кревок прекин на огнот.
Заедно со британските партнери, Франција во последните недели разговараше за гаранции, вклучително и распоредување на мировници за да се обезбеди можен прекин на огнот. Макрон истакна: „Тие не би биле на фронтот, не би биле дел од каков било конфликт“.
Путин ги гледа Европејците на преговарачка маса
Трамп изненадувачки изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе прифати“ стационирање на европски мировни трупи во Украина. Тој рече дека го прашал шефот на Кремљ за тоа и дека тој „нема проблем со тоа“.
Речиси во исто време, самиот Путин во интервју ги коментираше досегашните разговори со САД, но не ги спомна мировните трупи. Сепак, тој ја гледа Европа на преговарачка маса: „Европејците, но и други земји имаат право и можност да учествуваат - и ние тоа го почитуваме“, рече тој.