Макрон најави признавање на Палестина како држава
25 јули 2025Франција ќе ја признае Палестина како држава, соопшти претседателот Емануел Макрон. „Ова свечено ќе го објавам во септември оваа година, пред Генералното собрание на Обединетите нации“, објави Макрон на платформата X. Макрон продолжи: „Денес е итно неопходно да се стави крај на војната во Појасот Газа и да се спаси цивилното население.“
Според Макрон, прекин на огнот, ослободување на сите заложници и масовна хуманитарна помош за населението во Појасот Газа се потребни „веднаш“. Понатаму, Хамас мора да биде демилитаризиран, а Појасот Газа повторно изграден.
Демилитаризираната Палестина мора да го признае Израел
Тогаш може да се воспостави палестинска држава и да се обезбеди нејзина одржливост, оценува францускиот претседател. Демилитаризирана палестинска држава што целосно го признава Израел придонесува за безбедноста на сите на Блискиот Исток, уверен е Макрон, кој додава: „Нема алтернатива“.
Францускиот претседател, исто така, пишува и за ветувањата што му ги дал претседателот на Палестинските автономни власти, Махмуд Абас. Тој на Абас во писмо му ја изразил својата „решителност да постигне напредок“.
Макрон го објави и писмото од две страници упатено до Абас. Според писмото на Макрон, Абас претходно го осудил, меѓу другото, терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година и побарал ослободување на заложниците. Абас повторил дека Палестинската самоуправа има намера да ги спроведува суверените овластувања во Појасот Газа контролиран од Хамас и се стреми кон далекусежни реформи. Понатаму, палестинскиот претседател ја изразил својата поддршка за одржување избори следната година.
Остри реакции од Израел
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја осуди објавата на Франција. Тој рече дека таков потег го наградува тероризмот. Освен тоа, носи и ризик од создавање на уште еден ирански „заменик“.
Министерот за одбрана Израел Кац го опиша планираното признавање на палестинска држава како срам и капитулација пред тероризмот. Израел нема да толерира воспоставување палестинска држава што „ја нарушува нашата безбедност и го загрозува самото наше постоење“, вели Кац.
САД го осудуваат потегот како „непромислен“
И САД остро ја осудуваат објавата на Макрон. „Оваа непромислена одлука служи само на пропагандата на Хамас и го загрозува мирот“, напиша американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио на платформата X. Тоа, според него, е шлаканица во лицето на жртвите од масакрот извршен од исламистичкиот Хамас и други терористички групи во Израел на 7 октомври 2023 година.
Заменикот на Абас и Хамас ја поздравија француската најава
Палестинците ја поздравија најавата на Франција. Овој потег „ја одразува посветеноста на Франција на меѓународното право и нејзината поддршка за правото на палестинскиот народ на самоопределување и воспоставување на наша независна држава“, изјави Хусеин ал-Шеик, заменик и веројатен наследник на палестинскиот претседател Абас.
Терористичката организација Хамас исто така ја поздрави најавата на Франција за признавање на палестинската држава во септември како „позитивен чекор“ и ги повика другите држави да го следат примерот. „Сметаме дека ова е позитивен чекор во вистинската насока за да се обезбеди правда за нашиот угнетен палестински народ и да се поддржи неговото легитимно право на самоопределување“, соопшти Хамас.