Каде завршуваат 40% проценти од водата во Скопје?
18 јули 2025Само 37 проценти од вкупно произведената вода лани била фактурирана, додека речиси 40 проценти (39,96%) од водата од изворите Рашче, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези завршува во „матно“. Станува збор за физички и комерцијални загуби од вкупниот влезен волумен на вода во системот, што е голем процент ако се има предвид дека дозволената загуба на вода во системот е 20 проценти. Ова го покажува анализата на работата на Јавното претпријатие Водовод и канализација-Скопје за 2024 година, коешто во екот на летото се соочува со сериозни проблеми да обезбеди вода за секој дом во главниот град.
Жителите на повеќе населби среде жега се жалат дека поради дефекти и други проблеми немаат вода, а надлежните во повеќе наврати апелираат совесно и рационално да се користи водата, со оглед на тоа дека потрошувачката на вода на дневно ниво е рекордно зголемена.
Жителите на главниот град трошат во просек по 700 литри вода по глава на жител, или само во еден ден се смета дека потрошиле вода како за 140 олимписки базени. Базените, полевањето на тревниците, прекумерното трошење на вода го исцрпуваат изворот Рашче. Дополнителен проблем се и приклучоците на диво, за коишто секојдневно алармира скопската градоначалничка, Данела Арсовска.
Огромна потрошувачка на вода
Инженерот Дејан Димовски, кој работи на електромашинско одржување и техничко следење и мониторинг на потрошувачката на вода во ЈП „Водовод и канализација“ смета дека ако нема енормна потрошувачка на вода, особено во попладневните часови, Скопје ќе има стабилен притисок.
Тој пред советниците во Град Скопје во четвртокот (17.07) посочи дека во моментот потрошувачката на вода во Град Скопје е 350.000 метри кубни на дневно ниво. Таква потрошувачка на вода во Град Скопје во изминатите години немало. Поради тоа, инженерите посочуваат дека е време да се размислува за алтернативен извор за водоснабдување на Скопје
„Мораме да размислуваме за Скопје, за испитување на дополнителни бунарски подрачја, мораме да размислуваме и технички, што може да предизвика форсирањето на природниот извор Рашче и на природните бунарски подрачја. Таму каде што Рашче е каптиран, ако цело време го форсираме во доволно долг временски период, можеме да го доведеме изворот во ситуација да најде земјен, каков било пат на некое друго место“, рече Димовски.
Само 37 проценти од водата е фактурирана
Според податоците коишто ги објави агенцијата МИА, ЈП Водовод и канализација - Скопје во текот на 2024 година има произведено вкупно 110.055.436 метри кубни вода од Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези, што е зголемување во однос на претходната 2023 кога се произведени 103.172.833 метри кубни.
Од вкупно произведените кон своите корисници ЈП Водовод и канализација Скопје има наплатено само 41.395.367 метри кубни вода, а нефактурирани се 68.660.089 метри кубни вода. Нефактурирана легална потрошувачка изнесува 24.680.742 кубни метри вода. Неизмерена нефактурирана потрошувачка од 24.322.052 метри кубни е потрошена вода за тековно испирање на резервоари, водоводна и канализациска мрежа, потрошена вода преку фонтани и јавни украсни чешми, а во најголем дел е потрошена при санирање дефекти и полевање јавни зелени површини, дрвореди и булеварско зеленило.
Колку вода се губи?
Губитоците на вода во 2024 година во водоводниот систем изнесуваат 43.979.327 метри кубни. Тука се пресметаните физички и комерцијални загуби кои се 39,96 проценти од влезниот волумен на вода во системот.
За регионот и пошироко се смета дека дозволената загуба на вода во системот е 20 проценти од вкупно произведената вода.
„За намалување на загубите на вода потребно е вложување на голем труд и знаење, за загубите да се доведат во границите на прифатливото. За таа цел ЈП Водовод и канализација Скопје има набавено теренско возило за истражување и откривање на дефектите опремено со најсовремена опрема за овој вид на работа. Формирани се екипи со обука на луѓето што ќе работат со опремата, бидејќи на истражувањето и намалувањето на загубите гледаме како на внатрешна резерва со која можеме да ги ублажиме недостигот на вода во водоводниот систем потребно изразен во летните месеци“, се вели во Извештајот за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2024 година.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации минатата година покажа дека Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје - дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјата. Следат Гостивар, Тетово и Кичево. Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40%.
И анализата на добротворната организација Waterwise и британското тело за стандарди за производи BSI, покажа дека Северна Македонија ќе има проблем да обезбеди квалитетна вода во иднина доколку продолжи неконтролирано да ја троши и да не ги спречува огромните загуби.