Преку кампања ќе се поттикнува македонското производство
18 јули 2025„Македонско најдобро“ е новата кампања преку која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се обиде да го зајакне и зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи.
„Кампањата „Македонско најдобро“ ќе биде препознатлива по специфично лого кое преку сонцето и почвата не потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни квалитетни земјоделски производи“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според него, кога се избира домашен производ, не се избира само храна или продукт, туку директно се инвестира во домашната економија и во отворањето на нови работни места во Македонија.
Граѓаните на интернет ќе „ловат“ ниски цени
Во рамки на кампањата ќе бидат претставени активности и алатки за полесен пристап до домашните земјоделски производи. Кампањата ќе биде присутна преку сите релевантни канали како билборди, постери, флаери и преку социјални медиуми. Изработена е и дигитална платформа Македонсконајдобро.мк на која сите македонски земјоделци, македонски задруги, преработувачи и продажни центри ќе можат да се регистрираат и секој еден граѓанин ќе може лесно да го пронајде и да се информира за домашните производи.
Платформата ќе има и мапа преку која секој граѓанин ќе може многу лесно да најде каде да ги купи производите што му се потребни, односно преку автоматска геолокација, платформата ќе ги прикаже најблиските продажни места каде ќе може да се набават домашните земјоделски производи. Во скоро време ќе биде ставена во функција и посебна мобилна апликација, преку која граѓаните ќе може лесно да ги пронајдат и да се информираат за домашните земјоделски производи и преработки од нив.
Дека граѓаните преку апликација ќе ги „ловат“ ниските цени во маркетите во Северна Македонија неодамна најави и министерот за економија, Бесар Дурмиши. Според него, апликацијата преку алгоритам ќе ги споредува цените и на граѓаните ќе им покажува кој продукт е најевтин во нивна близина.
Нови мерки во најава
Ова следи откако претходно маркетите добија обврска, согласно Законот за заштита на потрошувачите, да ги објавуваат цените на своите страници, со што требаше да се обезбеди поголема транспарентност и контрола, а како резултат на утврдени неправилности и голем пораст на цените во одредени поголеми маркети.
Кампањата следи по неколкуте краткорочни мерки за ограничување на маржите на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо. Сега Владата прави нови анализи за мерки коишто ги дале резултати и на краток, но и на долг рок.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на јули треба да биде дефиниран моделот со кој Владата ќе реагира на зголемувањето на цените на прехранбените производи. Се размислува за неколку пристапи, во консултација со економски експерти, Пазарниот инспекторат и трговските синџири.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците на живот во јуни се зголемени за 4,5 проценти на годишно ниво, а цените на мало за 3,7 проценти.