Со македонски пасош без виза може да се патува во 130 држави
23 јули 2025Македонските граѓани без виза можат да патуваат во 130 држави во светот, покажува најновото рангирање на „The Henley Passport Index“. Македонскиот пасош е на 38. место во светот и бележи скок во споредба со минатата година кога беше на 45-то место.
На листата за 2025 година, најмоќен пасош од регионот има Грција којашто е на петото место и без виза нејзините граѓани може да патуваат во 187 земји, потоа следат Хрватска и Словенија коишто се на на деветото место и може да патуваат без виза во 183 земји. Бугарија е на 13-то место, а Србија е на 34-та позиција и има влез без виза во 138 земји. По неа следи Северна Македонија на 38 место, Црна Гора е на 40. место, Босна и Херцеговина на 42. место и Албанија на 43. место. Косово е подолу на листата на 61 место и има влез без виза во 82 земји.
Најмоќниот пасош на светот
Најмоќниот пасош на светот во своите раце го имаат жителите на Сингапур, кои без виза може да патуваат во 193 од вкупно 227 земји. На второто место се Јапонија и Јужна Кореја со пристап до 190 дестинации без претходна виза, трети се Данска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Шпанија и Финска кои имаат шанса за влез без виза на 189 дестинации во светот.
Со британски пасош слободно може да се патува во 186 земји, додека пасош на САД е на 10. место и со него без виза може да се патува на 182 дестинации.
На дното на листата се Авганистан, Сирија, Ирак и Јемен. Жителите на Авганистан без виза може да патуваат само во 25 земји, додека на жителите на Јемен им е овозможен влез во 32 земји.
Индексот на пасоши е единствениот од ваков вид заснован на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA). Индексот вклучува 199 различни пасоши и 227 различни дестинации за патување. Тој се ажурира месечно и се смета за стандардна референтна алатка при оценување на тоа каде се рангира еден пасош на спектарот на глобална мобилност.