Македонската претседателка на аудиенција кај новиот папа
26 мај 2025Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска оствари аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти, во Апостолската палата во Ватикан, соопшти нејзиниот кабинет.
На средбата, според соопштението, претседателката на папата му го честитала изборот за понтиф на Католичката црква, и притоа ја нагласила неопходноста од неговите охрабрувачки зборови за траен мир во ова време на голема светска неизвесност и поларизација. Сиљановска-Давкова ги истакнала и заложбите на папата за градење мостови на дијалог, разбирање и заемно почитување меѓу луѓето и народите.
Македонската претседателка на средбата се осврнала и на историската посета на папата Франциско на Северна Македонија, при што истакнала дека со должна посветеност сѐ уште се негува неговото духовно и дипломатско наследство. Таа посета, како што нагласила Сиљановска-Давкова, била израз на блискост, почитување на различностите и охрабрување на дијалогот меѓу културите и религиите.
Македонската претседателка ја изразила подготвеноста на земјата за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан. Таа, меѓудругото, посочила дека редовното чествување на светите браќа Кирил и Методиј претставува симбол на духовната и културната поврзаност со Светиот Престол. Истовремено, Сиљановска-Давкова констатирала дека двете држави имаат и нераскинливи историски врски преку цивилизацискиот завет на светицата и скопјанка, Мајка Тереза.
На средбата, во духот на традицијата, биле разменети подароци, се наведува во соопштението на претседателскиот кабинет. Сиљановска-Давкова на папата Лав XIV му подарила длабока резба од дабово дрво со мотив „Желад“.
Македонската претседателка во Рим остварила средба и со италијанскиот претседател Серџо Матарела. Во освртот на средбите во Италија, како што соопшти претседателскиот кабинет, Сиљановска-Давкова истакнала дека „и папата Лав XIV и италијанскиот претседател Серџо Матарела велат дека биле и остануваат наши пријатели на патот на нашиот процес на европска интеграција“.