Секој македонски граѓанин создава по 438 килограми отпад
23 април 2025Секој македонски граѓанин во просек создава по 438 килограми отпад. Иако годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2024 година е за 12.9 % помалку од истото количество во 2023 година, земјата и понатаму е затрупана во ѓубре, од коешто најголемиот дел завршува на депонии. Но, голем дел од отпадот останува расфрлан насекаде загадувајќи ја животната средина.
Лани биле создадени 790.866 тони комунален отпад во Северна Македонија, а собрани - 637.471 тон. Споредено со 2023 година, вкупното количество собран комунален отпад лани е зголемено за 2.5%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Според нив, зголемувањето се должи на тоа што повеќе населени места во меѓувреме се вклучени во системот за колективно собирање отпад.
Скопјани создаваат 30% од вкупниот отпад
Најголемо количество собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 180.729 тони или 28.4% од вкупното собрано количество. Во Југозападниот и во Североисточниот регион постои голема разлика меѓу создаденото и собраното ѓубре. Ако во Југозападниот регион биле создадени 105.284 тони комунален отпад - собрани се само 60.171 тон. Во Североисточниот регион пак, биле создадени 60.431 тони отпад, а собрани се само 37.073 тони комунален отпад.
Од вкупното количество собран комунален отпад - 535.606 тони или 84 % се собрани од домаќинствата, а останатите 16 % од правни и физички лица (комерцијален отпад). Станува збор пред се за измешан комунален отпад, но и за органски отпад, пластика, хартија и метал. Најмало количество има отпадот од гума – 1. 136 тони, што е 0.2 % од вкупното количество собран комунален отпад. Најголемото количество собран комунален отпад, 99.8 %, се исфрла на депонија.
Пет тони отпад создава во просек секој жител на Европа
Проблемот со ѓубрето е особено сериозен бидејќи Северна Македонија нема ефикасeн систем за управување со отпад, ниту бележи прогрес во оваа насока и покрај континуираната поддршка што ја добива од странските партнери. Проценките се дека најмалку 30 отсто од отпадот во земјата не завршува на депониите, туку е расфрлан речиси насекаде. Доколку земјата не преземе итни мерки, ризикува натамошно зголемување на загадувањето и здравствените проблеми, што ќе создаде уште поголеми финансиски и еколошки трошоци во иднина, укажуваат експертите.
Според Европската комисија, пет тони отпад годишно создава во просек секој жител на Европа. Само 38 проценти од отпадот се рециклира, а над 60% од отпадот од домаќинствата завршува на депонии во некои од земјите на ЕУ.
За споредба во 2021 година, секое лице кое живее во ЕУ генерирало 36,1 килограм отпад од пластична амбалажа. Обемот на генериран отпад од пластична амбалажа по жител се зголемил за околу 29% помеѓу 2010 и 2021 година. Вкупниот пластичен отпад произведен во ЕУ во 2021 година изнесува 16,13 милиони тони. Околу 6,56 милиони тони пластичен отпад биле рециклирани. Половина од пластиката собрана за рециклирање се извезува за да се третира во земји надвор од ЕУ. Извозот на сите видови отпад од ЕУ во земјите кои не се членки на ЕУ достигнал 33 милиони тони во 2021 година. Поголемиот дел од отпадот се состои од отпад од црни и обоени метали, како и отпад од хартија, пластика, текстил и стакло и главно завршува во Турција, Индија и Египет.
Северна Македонија е една од 24 земји коишто неодамна аплицираа за увоз на отпад од ЕУ на Балканот. Македонија бара да увезува осумнаесет типови на отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија. Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.