Македонија тагува - солзи, болка, бес и барање одговорност
17 март 2025Македонија тагува по 59 млади животи коишто згаснаа во пожар во импровизиран ноќен клуб во Кочани, којшто не ги исполнувал ниту минималните стандарди. Државните знамиња пред сите институции се спуштени на половина копје, а земјата во наредните седум дена е во длабока жалост. По првичните реакции на колективна тага и болка, сѐ повеќе расте бесот и барањето одговорност за трагедијата којашто зави во црно 59 семејства во неколку градови. Уште 140 семејства стравуваат за животите на своите најмили коишто се на лекување во земјата и во странство.
Најголем број од загинатите се од Кочани, со што градот којшто има вкупно 1.086 средношколци, всушност загуби неколку ученички класа.
„Бараме одговорност за оваа трагедија. И не само за оваа 'шупа', туку за сите градби и за сите дејствија кои не почитуваат стандарди на безбедност и заштита на луѓето. Доста беше дивеење, доста беше 'наш човек е', 'дај XXX евра', 'знаеш ли кој сум јас' и слично. Сакаме функционална држава“ - се само дел од пораките на граѓаните чиј револт не стивнува по трагедијата којашто се случи во неделата (16.03) во раните утрински часови во Северна Македонија.
Протести и собири на студентите
По трагедијата во Кочани, на социјалните мрежи веќе кружат апели и се најавува протест во 13 часот во Градскиот парк во Кочани. „Овој протест е израз на длабока болка и револт за загубените животи, но и за состојбата во која се наоѓаме како општество. Не можеме да ги вратиме нашите мили сограѓани, но сме должни да се бориме во нивна чест и за нив да го смениме овој неефикасен систем кој не обезбедува сигурност, благосостојба и праведност“, се вели во објавата на социјалните мрежи.
Граѓаните бараат конкретни промени. Најавуваат дека „ќе се борат за град без партиски вработувања, за институции кои функционираат, за полиција која е тука за нив, за инспекциски служби кои ќе ги вршат своите обврски, за јавни простори кои ќе бидат безбедни и чисти“. „Протестот е за правдата, за секој од нас, за секоја жртва која што ја изгубивме и за сите нас кои го живееме овој град секој ден“, порачуваат жителите на Кочани. По несреќата се бара да се преиспита регуларноста на сите угостителски објекти.
Студентите и професорите на Скопскиот универзитет најавија дека во текот на целата недела ќе присуствуваат на организирани собири – Заеднички час, што точно напладне ќе се одржуваат на различни кампуси на УКИМ, за да изразат почит на жртвите во пожарот на концертот во Кочани и поддршка на нивните семејства. Првиот заеднички час е од 12 часот на кампусот на факултетите од општествените науки.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски, изјави дека Ректоратот на Скопскиот универзитет го прифатил нивното барање да им биде дозволено да отсуствуваат од настава и за тоа да немаат последици.
УСС на УКИМ упати повик до сите студенти, целата академска заедница и граѓаните на државата да присуствуваат на собирите Заеднички час. УСС на своите профили на социјалните медиуми ќе известува за локациите на наредните собири. Повик за присуство на собирот во 12 часот на платото на УКИМ упати и студентската организација „Студентски отпор“.
Во пожар во дискотека во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјата и странство. Според досегашната истрага, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП-апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали и немала ниту легална лиценца за работа.
Молкот на градоначалникот
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, ден по трагедијата сѐ уште не е појавен во јавност и пред сограѓаните, иако тие јавно го повикуваат да изрази „тронка емпатија и жал“ за несреќата којашто можела да се избегне доколку не се заобиколувале законите и прописите.
Тој дури во неделата попладне испрати порака преку социјалните мрежи, во која наведува дека „изразува најдлабоко сочувство за загубата на животите во страшната трагедија која го потресе Кочани“.
Според дел од медиумите, издавањето на дозволи за работа на клубовите по 1 часот по полноќ е токму надлежност на градските татковци. Тој на прашањето кој дал дозвола за работа на објектот, најави дека ќе даде детали на прес-конференција, којашто не се одржа. Во меѓувреме и од страна на полицијата беше потврднео дека градоначалникот не бил приведен ниту распрашуван од истражните органи во врска со трагичниот настан. Папазов беше избран за градоначалник во 2021 година како кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Деветмина обвинители на терен
Обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани е проширен и во моментов го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје. Издадени се повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. Увидот на лице место продолжува.
Од Обвинителството информираа дека во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани. За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив, за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.