Македонија се збогува со папата Франциско
22 април 2025Македонија се збогува во папата Франциско, кој почина во понеделникот (21.04) на 88-годиша возраст. Државниот врв во Северна Македонија упати пораки на сочувство и почит за патата кој земјата ќе го памети по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност.
„Како народен папа, му го честиташе на христијанското семејство Христовото воскресение и утринава мирно си замина во вечноста. Јас пак, по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност“, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.
Претседателката на Фејсбук објави фотографија од минатогодишната аудиенцијата кај папата Франциско, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.
Глас на совеста
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Неговата Светост, папата Франциско, бил духовен водач кој зад себе остава неизмерно хуман, чесен и посветен траг во историјата на современиот свет. „Беше глас на совеста во време на глобални предизвици и неизмерен пример за човечност и морална храброст“, вели премиерот.
Мицкоски додава дека пораката на папата Франциско за мир, солидарност, грижа за најранливите и дијалог меѓу народите била светлина за милиони луѓе, без разлика на верата или нацијата. Папата низ годините во континуитет ја изразувал својата поддршка за Македонија – за нејзините напори за мир, соживот и почитување на различностите.
„Неговите зборови секогаш охрабруваа, а неговиот однос кон нашиот народ беше исполнет со топлина и почит. Вечна му слава и благодарност“, додава Мицкоски.
Духовен лидер
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши вели дека папата Франциско со своето опстојување на принципите на мирот и социјалната правда, станал симбол на посветноста на заедничкото добро.
„Како духовен лидер на нашето време, тој ги вгради принципите на мирот, социјалната правда и меѓурелигиозниот дијалог, станувајќи симбол на посветеноста кон заедничкото добро. Со својата едноставност, со безусловната љубов кон човекот и природата, папата Франциск допре до срцата на милиони луѓе низ целиот свет, надминувајќи верски, национални или идеолошки граници“, вели Гаши.
Тој додава дека наследството што го остави упокоениот папа ќе остане водич за идните генерации на патот за изградба на поправеден, помирен и поединствен свет.
Папата Франциско почина на 88-годишна возраст.
Како што соопшти Ватикан, причината за смртта е мозочен удар и срцева слабост.
Папата Франциско беше првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија на 7 мај 2019 година.