Како да се заштитат реките во Македонија?
9 април 2025Во моментот има само двајца водостопански инспектори во Северна Македонија, коишто вршат увид на состојбите во реките во земјата, што е далеку од доволно, укажуваат екологистите. Тие алармираат дека е потребна силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реките, со цел да се избегнатеколошки инциденти, кои често се случуваат во земјата.
„Место да се случат инциденти, па да решаваме акутни состојби, треба да се работи на промена на политиките на засилување на инспекцискиот надзор и воведување на европските начини на управување со реките и речните ресурси“, вели Ѓорѓи Митревски, проектен координатор во Еко - свест.
По хаваријата во рудникот Тораница во Крива Паланка, којашто се случи на 14 март, „посиве“ водата во Крива Река. Во меѓувреме беа направени четири анализи коишто дадоа различни резултати. Според известувањето од рудникот, пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства, бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. Надлежните соопштија дека рудникот Тораница во Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра по еколошкиот инцидент.
Различни резултати
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, повикувајќи се на извештајот од акредитирана лабораторија за анализа на водата во Крива Река, на прес-конференција соопшти дека во неа истекле тешки метали од рудникот „Тораница-булмак“, еден од најголемите рудници за олово и цинк во земјата.Според него, концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за 10 пати повеќе. Големо зголемување има и на концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река. Општината најави дека за ова загадување ќе бара и кривична одговорност.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска на прес-конференција рече дека според А интегрираната дозвола што ја има рудникот, не смеело да им пукне цевка и да се излее вода во Тораничка Река за што веќе се казнети правното и одговорното лице. „Загадување имало, се излеала јамска вода, но во какви размери е загадувањето и дали е за кривична одговорност не може пред време да прејудицираме“, порача Гиновска.
Обвинителството во Куманово веќе води предистрага и ги испитува можностите за кривична одговорност за Булмак 2016 ДООЕЛ. Истрага за хаваријата побараа и од еколошките и граѓанските здруженија.
О2 Иницијативата алармираше дека Крива Река е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.
Се бараат одговори - се најавуваат протести
Од иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ) побараа одговори од институциите околу загадувањето на Крива Река. Во спротивно, најавија дека во сабота, 12 април, излегуваат на протестен марш во 12.30 часот пред Министерство за животна средина.
Според нив, објавеното Решение за надзорот спроведен од ДИЖС во рудникот Тораница е нецелосно, полно со недоследности и грешки и не наложува соодветни мерки или санкции пропорционални на хаваријата. Клучни информации за инспекцискиот надзор, како на пример, земање примероци од акредитирана лабораторија (што е законска обврска), не се споменати во решението.
„Бараме транспарентност и конкретни податоци за степенот на загадувањето, преземените мерки и одговорноста за инцидентот Доколку институциите продолжат со молкот, или се обидат да нè потценат со половични и манипулативни одговори, нема да молчиме. Во сабота во 12:30 часот излегуваме на мирен протестен марш – со јасна порака: одговори и одговорност веднаш“, порачуваат од ЗХГ.
Како да се заштитат реките?
По еколошкиот инцидент во Крива Паланка се бараат анализи и на водите од Крива Река, Пчиња и Вардар, со цел нивна заштита. Од „Еко-Свест“ посочуваат дека освен загадувањето, голем проблем за реките се и малите хидроцентрали.
Игор Вејновиќ од The Nature Conservancy вели Реката Вардар е под голем притисок на индустриски и комунален отпад, поради што во план е најпрво да се заштити Демиркаписката клисура, а потоа и притоките на реката.
„Клисурата не е важна само за слатководниот биодиверзитет, туку и за птиците. Првиот чекор е да ја заштитиме, а потоа да се види каде во системот може да се направат интервенции за да се намали загадувањето, да се тргнат бариертие, малите брани кои веќе не се во употреба“, вели Вејновиќ.
Ѓорѓи Митревски од Еко-свест посочува дека се преземаат низа мерки за заштита на долното течение на Реката Вардар и нејзините притоки „.Пред две години покренавме иницијатива за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија со цел заштита на долното течение на Вардар, дел од Демиркаписката клусира и пет планиски притоки на реката Вардар“, вели тој.
Веќе од идната година се очекуваат и конкретни ефекти на терен. Екологистите сметаат дека нов Закон за води, којшто се подготвува веќе четири години, и уште не е влезен во собраниска процедура, би можел да ги надмине досегашните слабости во управувањето со водите.
„Заштитата на реките секаде во европските земји, па и кај нас, би требало да се одвива според принципите на Европската Унија, а тоа е Рамковната директива за води на ЕУ. Актуелниот закон за води не ги транспонира клучните елементи од Рамковната директива за води“, вели Митревски, кој заедно со осумдесетина експерти од земјата и од регионот учествува на Конференција за заштита на реките во Југоисточна Европа, којашто се одржува во Скопје.
Се предлага во новиот закон, меѓу другото, да се воведе еколошки проток на реките и поголема партиципативност на граѓаните.