Македонија под топлотен бран - како да се заштитите?
26 јуни 2025Одложување на работниот процес во критичните часови од 11 до 17 часот за работници изложени на директна топлина, работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо, ослободување од работни обврски за бремени жени и лица над 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа - ова се само дел од препораките коишто се на сила поради топлотниот бран којшто ја зафати Северна Македонија.
Надлежните објавија бројни здравствени препораки за повозрасните лица, но и за заштита на работниците во услови на екстремен топлотен бран. Министерот за економија, Бесар Дурмиши вели дека инспекторите се веќе на терен и се вршат проверки дали се почитуваат препораките од страна на работодавачите.
Препораките стапија на сила по најавите дека дневните температури недела ќе се движат над 40 Целзиусови степени, по што стапија на сила мерките согласно црвената топлотна фаза.
Образовните институции и градинките треба да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Во истиот период треба да се одложи и работниот процес за работници изложени на директна топлина. Здравствените, образовните и социјалните установи треба да постапат согласно плановите за вонредни состојби, односно да го ротираат персоналот и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените. Центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст треба да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица. Меѓу мерките е и обврската за обезбедување климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.
Постарите лица - ризична категорија
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита на лицата над 65 години во услови на високи температури. Оттаму нагласуваат дека оваа група на луѓе се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината. Потсетуваат дека согласно националните и меѓународните препораки, овие лица се категоризирани како „ризична категорија“, бидејќи потешко се прилагодуваат на температурните промени.
Се апелира повозрасните да избегнуваат изложување на сонце, како и работа на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа со висок свод и широк обод и крем со УВ фактор 30+ при изложување на сонце. Да се пие повеќе од вообичаено и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внес на течности, да се консултираат со него.
Се препорачува да се избегне користење шпорет, рерна и слични уреди од 11 до 17 часот. „Хроничните болни, посебно оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија“, потенцираат од ИЈЗ.