Јубилеј: 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик
5 мај 2025Македонија одбележува 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.„Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме и обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
„Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите“, вели претседателката додавајќи дека „заштитатата на македонскиот јазик е наша висока должност и завет“.
„Без македонскиот јазик не ќе можевме да испраќаме пораки на македонски, ниту да бидеме негови мисионери“, се вели во пораката којашто ја упати претседателката.
„Може да се кодифицира само нешто што постои“
Таа посетува дека низ развојните фази на македонскиот народен јазик низ вековите растела и идејата за македонски литературен јазик и македонска самобитност. „Повеќевековниот развој на македонскиот јазик доживеа законска кодификација во 1945 година, чин на крунисување на вековните стремежи на Македонците. Да укажам, по којзнае кој пат, дека може да се кодифицира само нешто што постои. Не се измислува јазик. Кодификацијата на македонскиот јазик се реализира преку: Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија од 2 август 1944 година, Решението на Президиумот на АСНОМ за донесување на азбуката на 5 мај 1945 година и официјалното усвојување на македонскиот првопис на 7 јуни 1945 година. Така се остварија вековните идеали и стремежи да се изразуваме на македонски литературен јазик, да учиме и да се образуваме на македонски јазик, да имаме свој македонски литературен јазик, стои во пораката“, вели таа.
Претседателката посочува и дека по кодификацијата во 1945 година следуваше објавувањето на капиталните дела од науката за јазикот, како граматиката, историјата на македонскиот јазик, речникот на македонски јазик, со што јазичниот процес се заокружи во јазичен систем и во јазична целина.
„Влогот на великанот Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик, во науката за јазикот и во македонистиката е монументален. Мора да го споменеме и исклучителниот придонес на Круме Кепески, но и на плејада домашни и странски македонисти, филолози и лингвисти, чии камења во темелите и во ѕидовите на македонистиката, од неа направија цврста куќа! Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет. Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот“, се вели во пораката на претседателката.
Коренот на македонскиот идентитет
Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, „македонскиот јазик е нашиот код, коренот на нашиот идентитет“. „На овој ден им оддаваме должна почит на сите создатели на македонскиот литературен јазик. Денес, македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите нации и во Европската унија. Тоа е резултат на посветена државна политика и јасна визија“, вели тој.
Филипче посетува дека со потпишувањето на договорот со Фронтекс на чист македонски јазик, македонскиот јазик е вграден во европското законодавство и поставен рамо до рамо со сите европски јазици. „Наша обврска и на сите идни генерации е да го чуваме и негуваме нашиот македонски јазик. Не затоа што мораме, туку затоа што знаеме што значи да го имаш својот глас во светот.Како што велеше Блаже Конески: „Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината“, порачува Филипче.
По повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, ќе се одржи свечена академија во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).