Пожарот во Кочани- резултат на децениска негрижа и корупција
19 март 2025„Убијци, убијци“, „Сакаме правда“, извикуваа гневните граѓани на Кочани, кои го излеаја својот бес по трагичниот пожар на улиците на градот во понеделникот на 17 март.
Но, додека бесните граѓани ги кршеа локалите на сопственикот на дискотеката во градот и се обидуваа да се пресметаат со градоначалникот Љупчо Папазов, кој веќе поднесе оставка на функцијата, експертите посочуваат дека причините за пожарот се многу подлабоки и лежат во децениската корупција и непочитувањето на законите и регулативата.
Пожарот кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во раните утрински часови во неделата на 16 март, досега однесе 59, претежно, млади човечки животи, а над 150 се повредени. Во болниците во Скопје и во Штип има вкупно 89 повредени, а во соседните земји и низ Европа досега се испратени 76 лица со различен степен на изгореници. Причината е што во Македонија од пред неколку години нема ниту клиника за лекување на изгореници.
Алчноста за пари убива
Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје, вели дека овој настан треба да биде повод да се освести јавноста и оние кои што се задолжени да ги креираат политиките за безбедно живеење конечно да ги сменат работите. Тој за „ТВ24" посочи дека во дискотеката што изгоре немало автоматски прскалки кои се вклучуваат при пожар, ниту пак автоматско исклучување на струјата или врати за евакуација.
„Алчноста за пари почнува да ги убива и нашите деца. 70-80 проценти од објектите во Македонија за таква намена, не ги исполнуваат пропишаните услови", изјави Марковски за ТВ24.
„Ерозија на системот“
Несреќниот случај можел да се избегне доколку се почитувале правилата.
Дискотеката во Кочани, освен што не поседувала легална дозвола за работа, како што потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, имала и покрив од дрвена конструкција и азбест, со парчиња сунѓери и платно поради што пожарот пламнал за неколку секунди.
„Во изградбата на објектот се импровизирало“, изјави за локалните медиуми Владимир Симоновски, заменик-командир на Противпожарната единица од Скопје.
Јавноста во Македонија е гневна поради очигледното непочитување на законите, растечката корупција и партизираниот систем за кој смета дека ја доведе државата на работ. Тоа го потврди и јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој во понеделникот изјави дека пожарот во Кочани покажува оти во Северна Македонија постои „целосна ерозија на системот“.
Според Индексот за перцепција на корупција изготвен од Транспаренси Интернешенл за 2024, земјата е рангирана на 88-то место од 180 држави, што е влошување во споредба со 2023 година, кога беше на 76 место.
Паметните учат од грешките
Во 2021 година се случи пожар и во модуларната болница во Тетово, град кој се наоѓа на 43 километри од Скопје, во кој загинаа 14 пациенти кои се лекуваа од Ковид и членови на нивни семејства. Тој случај до денес не е целосно затворен, а во јавноста остана чувството дека вистинските виновници за несреќата ја избегнаа правдата.
„Се вели дека паметните учат од грешките на другите, а ние ниту од своите грешки не учиме. Во секоја несреќа имаме проблем со документација, лиценци, значи очигледно дека системот има слабости", вели деканот на Градежниот факултет, професорот Горан Марковски. Тој додава дека не смеело да се дозволи таков објект, таква „таканаречена дискотека“ да функционира толку долг период.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе ѝ стави крај на ваквата пракса, ветувајќи дека сите одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Тоа што се случувало е повеќе од криминал, ова е, би рекол, масовно убиство кое што некој го дозволувал за пари, за корупција," изјави Мицкоски во понеделникот во Скопје.
Експертски предупредувања
Граѓаните бараат брза и ефикасна истрага за случајот и виновниците да се изведат пред лицето на правдата. Моментално околу 23 лица се осомничени за трагедијата која се случи во клубот „Пулс“. Меѓу осомничените се и поранешен министер, државен секретар, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на фирми, обезбедување на објекти, како и лица кои имале овластување да потпишат одредени документи.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, вели дека корупцијата со децении е модус операнди на македонското општество.
„Системот е базиран на клиентелизам и услуги, што значи дека не произлегува од процедури, туку од мито или друг вид интерес“, вели во изјава за Дојче Веле Трошановски.
„Тоа е секаде, почнувајќи од наставник во школо, кој прогледува низ прсти и дава добри оценки, до инспектор, кој дава лиценца за ноќен клуб кој не ги исполнува критериумите. Сето тоа кулминира со такви трагедии, кои ќе се повторуваат. Ни треба јавна свест, општествена култура, партиите да создаваат кадри со интегритет, а не лојалисти“, вели тој.